НЕМА ПОСКАПУВАЊЕ НА ЛЕБОТ Цените остануваат исти до крајот на април

Мелничко-пекарската индустрија и институциите договорија цените на лебот и пецивата да останат стабилни, а состојбата ќе се следи во зависност од движењето на енергенсите.

55

Цените на лебот и пецивата засега остануваат стабилни и нема да има поскапување најмалку до крајот на април, беше заклучено на состанокот во Министерство за економија со претставници на мелничко-пекарската индустрија.

Според учесниците, цените не се зголемени во 99 отсто од државата, а компаниите од секторот се договориле да ги задржат на сегашното ниво и во наредниот период. Состојбата ќе се следи континуирано, а доколку има промени на пазарот ќе се прават дополнителни анализи.






На состанокот присуствувале претставници на Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, како и заменик-министерот за економија Марјан Ристески и директорот на Државен пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.

Од Министерството и индустријата нагласуваат дека заеднички ќе ја следат ситуацијата, особено во однос на движењето на цените на нафтата и енергенсите. Доколку дојде до влошување, ќе се бараат мерки за да се спречи раст на цените во овој сектор.

Претставниците на мелничко-пекарската индустрија апелираат и до медиумите и политичките чинители да не се создава паника кај граѓаните со шпекулации за поскапување, бидејќи тоа може да предизвика дополнителна несигурност на пазарот.

Поврзани содржини