СОСЕТКА СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА ПОДОЛГО ВРЕМЕ СЕ СЛУШАЛО ВИКАЊЕ ОД СТАНОТ НА ЈОВАНОВСКИ Полицаец ѝ се заканил со кривична за лажно пријавување
Сосетка на семејството Јовановски вели дека два пати пријавила во полиција, но дека кога дошла полицијата ништо од викањето не се слушало во ходниците од зградата.
Сосетка на Ивана и на Стојанче сведочеше денеска дека подолг период во зградата се слушале викање, тропање, удирање со столици, гласови на Катја.
– Една ноќ кон 2 часот слушнавме „тато ќе ја убиеш мама“. Малата Катја викаше, се слушаше. Излегов надвор ама во ходникот не се слушаше ништо. Мислам дека и некои од другите комшии тогаш излегоа во ходниците. Јас лично два пати имам повикано полиција од ПС Карпош. Се качувавме заедно по катовите да откриеме од каде се викањето и тепањето. Првиот инспектор беше коректен, запиша дека не најдовме ништо, оти од ходник ништо не се слушаше. Викањето се слушаше вертикално, во становите. Вториот полицаец кога дојде беше многу дрзок и нервозен, лупаше по становите, прашуваше на кој кат е, му реков не знам. Знам дека е над мене. Тропна на неколку стана, по што мене ми се закани дека ќе добијам кривична за лажно пријавување – сведочеше сосетката Тања.
Таа вели дека пред околу две години за првпат го слушнала тепањето.
– Им се извинив на комшиите за тропањето по врати од страна на полицаецот. Една сосетка рече дека Катја излегувала сама и тропала по вратите и барала помош за мајка ѝ. Еднаш дошла мајка ѝ на Ивана да ја земе Катја, девојчето било босо, па ѝ дала патики – додаде сведокот Тања.