„ЌЕ ГО ВРАТИМЕ ИРАН ВО КАМЕНО ДОБА“ Трамп се закани со бомбардирање на иранските електрани

Додека го прикажуваше Иран како воено онеспособен, Трамп изјави дека САД ќе ја напаѓаат земјата силно уште две до три недели. Според него, теснецот Ормуз ќе се отвори „природно“ по завршувањето на војната, а за тоа најмногу треба да се грижат европските земји, кои се и најпогодени.

301

Во вонредно телевизиско обраќање синоќа американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската војска речиси ги остварила своите цели во Иран, но не понуди јасен рок за завршување на едномесечната војна и вети дека ќе ја бомбардира земјата и ќе ја врати во „камено доба“.

Трамп рече дека САД ги уништиле иранската морнарица и воздухопловство и сериозно ги ослабнале балистичката ракетна и нуклеарната програма на земјата. Но, тој одби да изложи конкретен план за намалување на интензитетот на војната, која сега е во петтата недела, освен што рече дека САД ќе ја завршат работата „многу брзо“.






– Ние ги имаме сите карти. Тие немаат ништо – рече Трамп од Белата куќа во своето прво обраќање во ударен вечерен термин откако САД и Израел ја започнаа војната на 28 февруари.

Трамп само кратко се осврна на некои од клучните нерешени прашања, меѓу кои и статусот на иранскиот збогатен ураниум и пристапот низ Ормутскиот Теснец, еден од најважните премини за глобалното снабдување со нафта, кој Иран практично го затвори. Според него, теснецот ќе се отвори „природно“ по завршувањето на војната.

Претседателот и неговите советници понудија менливи објаснувања и рокови за конфликтот, како и за тоа што ќе бараат од Иран за тој да заврши. Додека го прикажуваше Иран како воено онеспособен, Трамп изјави и дека САД ќе ја напаѓаат земјата силно уште две до три недели.

– Ако новите лидери на земјата не преговараат на задоволителен начин, САД ќе почнат да ги напаѓаат електроенергетските капацитети и нафтената инфраструктура на земјата. Ќе ги погодиме исклучително силно во следните две до три недели. Ќе ги вратиме во камено доба, таму каде што им е местото – рече Трамп.

Неговото деветнаесетминутно обраќање, сепак, не донесе многу нови информации, ниту пак понуди поголемо уверување за американската јавност и сојузниците на САД, кои сè повеќе ги чувствуваат последиците од растот на цените на горивата и пролонгирањето на конфликтот. Веднаш по говорот, акциите паднаа, доларот зајакна, а цената на нафтата порасна, што дополнително го засили впечатокот дека војната би можела да потрае уште некое време.

Иако претседателот накратко ги призна растечките грижи кај Американците дека војната го прави горивото недостапно, тој инсистираше дека цените наскоро ќе паднат и дека за поскапувањата главно е виновен Иран.

Тој додаде дека земјите кои најмногу зависат од снабдување со нафта од Заливот треба да ја преземат водечката улога во отворањето на теснецот. Велика Британија, Франција и други американски сојузници изјавија дека се подготвени да помогнат за теснецот да остане отворен, но дури откако ќе престанат непријателствата.

– Тие можат лесно да го направат тоа. Ние ќе помогнеме, но тие треба да ја преземат водечката улога во заштитата на нафтата од која толку очајно зависат – рече Трамп.

Поврзани содржини