ТЕСНИНАТА ОРМУЗ Е ЗАТВОРЕНА САМО ЗА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ НА ИРАН Арагчи вели дека сите други бродови може да поминуваат
Иранскиот министер Арагчи истакна дека територијалните води на Ормуската Теснина им припаѓаат на Иран и на Оман и дека овие две држави ќе одлучуваат за новиот режим по завршувањето на војната.
Ормуската Теснина е отворена за бродовите на мнозинството земји, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за „Ал Џазира“, нагласувајќи дека за иднината на овој воден пат ќе одлучуваат Иран и Оман.
Иран презеде контрола врз теснината поради американско-израелските напади, забранувајќи транзит за бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници. Иранските власти во повеќе наврати потенцираа дека теснината не е затворена, туку дека бродовите на „пријателските“ земји можат да поминуваат во координација со иранската морнарица.
– Теснината е затворена само за бродовите на оние кои војуваат против нас. Тоа е нормално за време на војна – не можеме да им дозволиме на непријателите да ги користат нашите територијални води за трговија – објасни шефот на иранската дипломатија.
Тој додаде дека некои други земји сами одлучиле да не пловат низ преминот поради безбедносни ризици и високи цени за осигурување, додека неколку кинески, индиски, пакистански и турски бродови веќе поминале по консултации со Техеран.
Арагчи истакна дека територијалните води на Ормуската Теснина им припаѓаат на Иран и на Оман и дека овие две држави ќе одлучуваат за новиот режим по завршувањето на војната. Сепак, земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи го и Катар, инсистираат да бидат вклучени во сите разговори за иднината на овој стратешки правец.
Во меѓувреме, Кина и Пакистан објавија план од пет точки за завршување на војната, каде како приоритет се наведува нормализацијата на сообраќајот низ теснината. Паралелно со ова, иранскиот Парламент усвои предлог-закон со кој се предвидува нов систем на безбедносни аранжмани и наплата на такси за транзит исклучиво во ирански ријали. Според новиот закон, на бродовите од земјите кои вовеле санкции кон Иран ќе им бидат наметнати сериозни ограничувања при пловидбата.