СОВЕТОТ НА ЧЕСТА ПРИ ЗНМ ГО ОЦЕНИ ГОВОРОТ НА НОВИНАРОТ ОД ТЕТОВО КАКО НЕСООДВЕТЕН Непримерната комуникација е неспојлива со новинарската професија

117

Правото на слободно поставување прашања и критичко известување на новинарите е неотуѓиво и суштинско за функционирањето на едно демократско општество, но ова право подразбира и обврска за доследно почитување на професионалните и етичките стандарди, што не беше случај со последниот настан поврзан со однесувањето на новинарот Невриј Адеми на прес конференцијата на министерката за образование и наука Весна Јаневска во Тетово, констатира Советот на честа при ЗНМ.

Во конкретниот случај, Советот цени дека начинот на комуникација и тонот на обраќање на новинарот не соодветствуваат со принципите на достоинствен и професионален јавен дискурс. Конкретно, членот 15 од Кодексот на новинарите, вели дека новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката, а непримерната комуникација со јавноста е неспојлива со новинарската професија.






Советот на честа нагласува дека ваквите случаи не придонесуваат за унапредување на довербата во медиумите, ниту за квалитетен јавен дијалог.

„Упатуваме апел до сите новинари и медиумски работници да се придржуваат кон највисоките професионални стандарди, да ја негуваат културата на комуникација и да придонесуваат кон градење на взаемна почит во јавниот простор“, се наведува во соопштението од Советот на честа.

Советот потсетува дека почитта во односите меѓу носителите на јавни функции и медиумите треба да биде двонасочна, при што институциите имаат обврска да обезбедат услови за непречена и професионална работа на новинарите. Советот укажува дека овој случај не смее да се користи за дневнополитички цели, ниту за создавање дополнителни тензии и погрешни интерпретации во етнички контекст.

 

Поврзани содржини