ОПШТИНА КОЧАНИ ПОБАРАЛА ДА НЕ СЕ ИЗДАВА ДОЗВОЛА ЗА ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ Објектот се наоѓал во зона за лесна и незагадувачка индустрија, а не за угостителство

Сведокот Илиевски, раководител на Одделението за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани, појасни дека објектот се наоѓал во зоната Г2, наменета за лесна и незагадувачка индустрија, каде што не е дозволена пренамена за угостителска дејност од ваков тип. 

250

Општина Кочани навремено го поништила известувањето за користење паркинг-простор и побарала од Државниот пазарен инспекторат да не издава лиценца за работа на дискотеката „Пулс“, бидејќи објектот се наоѓал во зона за лесна и незагадувачка индустрија. Ова го истакна сведокот Драги Илиевски, раководител на Одделението за уредување на градежно земјиште, на денешното рочиште што се одржува во судницата во „Идризово“ за пожарот во кој загинаа 63 лица.

Одговарајќи на прашања од Јавното обвинителство, Илиевски, кој на оваа функција е од 2012 година, појасни дека објектот се наоѓал во зоната Г2, наменета за лесна и незагадувачка индустрија, каде што не е дозволена пренамена за угостителска дејност од ваков тип.






– Значи зоните не можат да се менуваат. Ме прашавте дали е направена пренамена, не е направена пренамена на тој објект, ниту пак може да се промени зоната и целиот тој локалитет е лесна и незагадувачка индустрија – рече Илиевски.

Сведокот посочи дека првично, на 3 октомври 2012 година, Општина Кочани дала позитивно известување на барањето на Дејан Јованов од ДООЕЛ „Класик ДМ“ за користење на јавните паркиралишта во таа зона, но подоцна истото било повлечено откако дознале за вистинската намена на објектот.

– По одредени сознанија дека ќе се отвора дискотека, ние го имаме поништено ова известување. Таму наведуваме дека тие паркинзи се лесна и незагадувачка индустрија Г2, а не за дискотеки или барови што ќе се отворат. Тоа е доставено до Дејан Јованов од ДООЕЛ „Класик ДМ“ – истакна сведокот.

Според исказот на Илиевски, Општина Кочани се обратила и до државните институции за да спречи отворање на ноќен клуб во индустриската зона. Тогашниот градоначалник Ратко Димитровски побарал информација од Министерството за економија дали за компанијата е издадена лиценца, но откако не добиле одговор, било испратено директно барање до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

– Да, доставено е и до директорот на Државниот пазарен инспекорат. Претходниот градоначалник Ратко Димитровски имаше сознанија дека ќе се отвора дискотека или ноќен клуб, има поднесено барање до Министерството за економија за информација дали на компанијата „Класик“ имаат издадено лиценца за отворање дискотека или немаат издадено. Тоа е на 19.10.2012 година. Ова барање ние почекавме одреден период за да добиеме повратна информација за лиценца, не нѐ удостоија со повратен одговор и со договор на градоначалникот јас пишав до директорот на Државниот пазарен инспекторат, барање за неиздавање лиценца за дискотека. Причините кои беа, ние го поништивме решението за паркинг место, овие паркинг места се наменети за лесна индустрија, таму немаме А1 или А2 или други зони – потенцираше Илиевски.

Прашан од каде Општината имала сознанија за намерите на инвеститорот, сведокот одговори „тоа се зборуваше по градот, не стриктно од еден човек или слично, туку се зборуваше низ град, па се прашавме, како може да се отвора дискотека на тој локалитет којшто е наменет за лесна индустрија“.

Во однос на прашањето дали Општината извршила инспекциски надзор или презела други дејствија откако дискотеката почнала со работа, Илиевски нагласи дека неговиот сектор нема такви надлежности.

– Како што кажав, нашиот сектор нема ингеренции, а дали некој друг презел немам информација – додаде Илиевски.

Во текот на испитувањето, Судот не дозволи дел од прашањата на Обвинителството поврзани со надлежностите на ДПИ и евентуалните понатамошни мерки од градоначалникот, со образложение дека сведокот веќе појаснил оти неговиот оддел нема инспекциски ингеренции и дека институциите биле навремено известени.

На прашања од бранителката на првообвинетиот, Ивана Коцевска, сведокот потврди дека објектот бил изграден со техничка документација за лесна индустрија. Во однос на посочувањата од одбраната дека во истата зона функционираат и други деловни објекти, како хотели, Илиевски појасни дека тие имаат посебна маркица или дел од пренамена.

Коцевска во текот на вкрстеното испитување посочи дека во општинскиот систем постои потврда дека Дејан Јованов го примил првичното позитивно известување за користење на паркингот, но не постои потврда дека го примил известувањето за негово поништување. Воедно, сведокот пред Судот се согласи со констатацијата на одбраната дека согласност за користење на јавните паркиралишта не дава Општината, туку таа дава само мислење, додека дозволата ја издава Министерството за внатрешни работи.

Претходно на почетокот од денешното рочиште, откако сите бранители се изнесоа по однос на листата на сведоци предложени од ЈО, Судот донесе решение дека има согласност за повлекување на сослушувањето на сведоците Ана Карова, Трајче Трајчов, Ангелчо Ангелков и Мартин Јосифов. Сведокот Љупчо Димитровски и останатите ќе бидат повикани да бидат сослушани, со оглед дека за нив нема согласност за повлекување.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. На минатото рочиште беше сослушан сведокот Живко Ставревски, помошник-генерален инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кој изјави дека до 2020 година не биле предвидувани редовни инспекциски надзори во општини во кои нема инспектори, а Кочани немало покриеност со инспектор за проверки и превенција. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Поврзани содржини