ПРИОРИТЕТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ БИЛ ДА СПАСУВААТ ЛУЃЕ, НЕ ДА ГАСНАТ ВО „ПУЛС“ Купот заглавени луѓе на влезната врата бил висок повеќе од еден метар
Многу тешко беше едно лице само да извлече друг човек. Во таква ситуација тежината е огромна и најчесто беа потребни минимум двајца, а понекогаш и тројца луѓе за да се извлече едно лице - сведочеше пожарникарот Благојчо Паунов.
Влезната врата на дискотеката „Пулс“ била целосно блокирана од заглавени лица до височина од главата на пожарникарот, а за извлекување на едно лице во дел од случаите биле потребни најмалку две или три лица, сведочеше денеска пред судот пожарникарот Благојчо Паунов, кој бил дежурен во Територијалната противпожарна единица Кочани ноќта на трагичниот пожар.
Паунов, на судењето на 13 полициски службеници, обвинети за непостапување согласно акцискиот план во дискотеката „Пулс“, истакна дека дојавата за пожарот била примена во 2:35 часот од дежурниот на врски, по што првото противпожарно возило пристигнало пред објектот за околу пет минути.
Според неговото сведочење, уште при пристигнувањето просторот околу дискотеката бил исполнет со повредени и паднати лица, а имало присутни цивили и полициски службеници, со тоа што возилото можеле да го доближат само каде што имало луѓе.
– Влезната врата беше пренатрупана од заглавени лица до висина на мојата глава. Во тој момент излегуваше само малку чад од вратата, а немаше видлив пламен – појасни Паунов.
Тој објасни дека заедно со колегата веднаш почнале да извлекуваат луѓе, но уште при првиот обид сфатиле дека процесот ќе биде многу тежок и бавен.
– Многу тешко беше едно лице само да извлече друг човек. Во таква ситуација тежината е огромна и најчесто беа потребни минимум двајца, а понекогаш и тројца луѓе за да се извлече едно лице – сведочеше пожарникарот.
Тој посочи дека побарал помош од полициските службеници и од присутните цивили. Посебно го повикал полицискиот службеник Драган Петрушев, познат како Казак, да собере што повеќе полицајци кои би се вклучиле во спасувањето. Помош побарале и од обезбедувањето на објектот, чии припадници, според него, веќе биле исцрпени од претходните обиди да извлекуваат луѓе.
По формирањето на мешани тимови составени од пожарникари, полицајци, обезбедување и цивили, започнало организирано извлекување на заглавените лица.
– Од тој момент извлекувавме заедно. Некогаш со полицаец, некогаш со обезбедување, некогаш со цивилно лице. Секое извлекување беше различно – рече Паунов.
Во критичните моменти, како што опиша, во најдолниот ред од насобраните луѓе забележале две девојчиња кои биле свесни и барале помош.
– Моравме да клекнеме одоздола за да ги извлечеме, додека над нас другите тимови продолжуваа да вадат лица. Секое извлечено лице веднаш се носеше до паркингот, каде што веќе имаше медицински екипи и претставници на Црвениот крст – изјави Паунов.
Тој сведочеше дека по расчистувањето на поголем дел од влезот, пожарникарски екипи почнале да навлегуваат во објектот со водени линии за гасење на пожарот. Во меѓувреме добиле информации дека има заглавени лица и во просторијата означена како билетарница, од десната страна на дискотеката.
Кога влегол таму, затекнал десетина лица во бессознание, како и други лица кои биле свесни и барале помош од делот што водел кон главниот простор на дискотеката.
– Кога ја видов ситуацијата, повторно излегов надвор и побарав дополнителна помош од полицијата и цивилите. Потоа заедно почнавме да ги извлекуваме луѓето од задните простории, а подоцна и оние кај самиот влез – појасни сведокот.
Во своето сведочење Паунов нагласи дека приоритет на пожарникарите од првиот момент бил спасувањето човечки животи, а не гасењето на огнот.
Командирот на Територијалната противпожарна единица Кочани, Драган Апостолов, во своето сведочење пред судот изјави дека при интервенцијата во дискотеката „Пулс“ пожарникарите затекнале противпожарно сандаче со црево и млазница, но без вентил за пуштање вода, поради што не можело да се користи.
– Го отворивме за да пристапиме и од таму да го гасиме пожарот, ама имаше црево и млазница, а немаше вентил за да се пушти водата. Значи не беше во функција – сведочеше командирот.
Тој посочи дека поради огнот во внатрешноста не можел да утврди дали објектот располагал со функционален противпожарен систем.
Одговарајќи на прашања поврзани со организацијата на настанот, тој рече дека Територијалната противпожарна единица не добила барање поврзано со употреба на пиротехнички средства за концертот во дискотеката.
– Немавме доставено такво барање и немавме ни сознание дека ќе има некоја група во дискотеката „Пулс“ – појасни тој.
Командирот објасни дека за поголеми јавни настани, кога е потребно присуство на пожарникари, до единицата вообичаено се доставува писмено барање преку општината.
Во сведочењето наведе и дека полициските службеници активно учествувале во спасувачката акција.
Тој сведочеше и дека за време на интервенцијата се здобил со повреди на дел од лицето, кое не било целосно заштитено со опрема, додека на рацете носел заштитни ракавици.
На минатото рочиште судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани почна одново поради промена на судиите-поротници во судечкиот совет.
Постапката ја води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а обвинението го застапува Спасенка Андонова. Судот ги прифати сите дотогаш изведени материјални докази и искази на сведоците, по што постапката продолжи со сослушување на сведоци предложени од одбраната. Случајот се однесува на пожарот што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.