НЕВОЗМОЖНО Е УКРАИНА ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕУ ДО 2027 ГОДИНА Кос порача дека за членство се потребени мир и спроведени реформи

Процесите на проширување на Европската Унија историски биле успешни кога следеле јасен редослед, рече денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос.

185

Украина нема да стане членка на Европската Унија до почетокот на 2027 година, рече денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос.

– Мислам дека сите во оваа просторија знаат дека е невозможно Украина да стане членка на ЕУ на 1 јануари 2027 година – рече таа на настан организиран од „Политико“.






Украинскиот претседател Володимир Зеленски промовираше забрзана временска рамка, но Кос нагласи дека процесот за членство во Унијата реално не може да биде врзан за фиксни рокови.

– Можам да разберам зошто претседателот Зеленски го споменуваше тој датум. Тој знае дека во блиска иднина Украина нема да може да стане членка на НАТО, па затоа бара гаранции за безбедност – додаде таа.

Кос истакна дека процесите на проширување историски биле успешни кога следеле јасен редослед.

– Прво ви е потребен мир, ова е важно, а потоа треба да ги спроведете реформите. Инвеститорите ќе дојдат во Украина само ако прво можат да заработат пари и ако нивните инвестиции се безбедни – нагласи еврокомесарката.

Сепак, таа посочи дека актуелната методологија за проширување на ЕУ е дизајнирана за „смирени услови“, каде што земјите кандидатки имаат доволно време за реформи, сугерирајќи дека се потребни приспособувања, за да се рефлектира тековната геополитичка реалност.

Европската комисија им претстави три опции на земјите членки за реформирање на процесот на проширување, додаде таа, нагласувајќи дека секој напредок зависи исклучително од нивното одобрување.

– Без одлука на земјите членки не може да продолжиме понатаму – рече Кос.

Иако одржувањето на статус кво состојбата не се смета за одржливо, таа ги исклучи радикалните промени, посочувајќи ја „засилената постепена интеграција“ како најверојатен пат напред.

Овој пристап, според Кос, ќе им овозможи на земјите кандидатки прогресивно да се интегрираат во специфичните политики на ЕУ и да добијат одредени придобивки пред да остварат полноправно членство.

Во врска со Исланд, Кос рече дека патот на земјата до ЕУ може да оди „навистина брзо“ доколку одлучи да ги продолжи преговорите за пристап, со оглед на постојната интеграција преку Европскиот економски простор и Шенген. Таа додаде дека референдумот што се очекува подоцна оваа година ќе одреди дали преговорите ќе продолжат.

Поврзани содржини