МАКЕДОНИЈА ОСТАНУВА РАЈ ЗА ВОЗАЧИТЕ Горивото во нашата земја е најевтино, вели анализата на „Дело“

Словенечките медиуми го посочуваат Скопје како најевтина дестинација за гориво на Балканот, додека цените во регионот растат и покрај владините мерки.

225

Словенечкиот весник „Дело“ ја посочи Македонија како најповолна дестинација за точење гориво на Балканот.

Во својата анализа за цените на горивата во регионот, медиумот јасно препорачува – возачите да издржат до македонска територија пред да наполнат резервоар.






„Ако одите на Балкан, издржете до Скопје и точете таму“, наведува весникот, посочувајќи дека Македонија нуди најниски цени на горивата во споредба со другите земји од поранешна Југославија.

Во анализата се потенцира дека владите во регионот се обидуваат да го ублажат растот на цените преку различни мерки, како намалување на акцизи и даноци, но просторот за дополнителни интервенции е ограничен.

„Владите на земјите од Западен Балкан на различни начини се обидуваат да го запрат растот на цените на горивата“, се наведува во текстот.

Сепак, и покрај тие мерки, Македонија останува најисплатлива опција за возачите, што ја прави атрактивна не само за домашните граѓани, туку и за транзитните патници и туристи.

Дополнителна потврда за ова доаѓа од состојбата во регионот, каде цените продолжуваат да растат. Во Словенија, од полноќ значително поскапеа горивата на бензинските пумпи надвор од автопатите и експресните патишта.

Цената на бензинот од 95 октани порасна за 11,5 центи и достигна 1,581 евра за литар, додека дизелот поскапе за 16,8 центи и сега се продава за 1,696 евра. Поскапе и екстра лесното масло за домаќинство, за околу 18 центи.

И покрај владините мерки – намалување на акцизите и укинување на еколошкиот данок – растот на цените не е запрен. Според проценките на надлежните, без овие мерки цените би биле уште повисоки.

Новите цени веќе достигнуваат нивоа какви што беа забележани за време на енергетската криза во 2022 година, по почетокот на војната во Украина. Сличен тренд има и во Хрватска, каде исто така има поскапување, а на одредени места се појавуваат и проблеми со снабдувањето.

Во вакви услови, препораката за точење гориво во Македонија добива уште поголема тежина – не само како совет за заштеда, туку и како показател дека земјата во моментов е лидер по најниски цени на горивата во регионот.

Поврзани содржини