ДЕНЕС Е ПОЛОШО ОД НАФТЕНИТЕ ШОКОВИ ВО 1973 И ВО 1979 ГОДИНА Глобалната економија е пред голема закана

Шефот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол предупреди дека војната на Блискиот Исток има полоши последици за нафтата отколку двата нафтени шока во 70-тите години на минатиот век, а ефектите врз ситуацијата со гасот се полоши од последиците од руско-украинската војна.

65

Глобалната економија е соочена со исклучително голема закана поради војната во Иран, предупреди денеска шефот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол.

– Ниту една земја нема да остане имуна на ефектите од оваа криза доколку ситуацијата продолжи да се движи во овој правец – рече Бирол во Канбера, Австралија.






Според него, кризата на Блискиот Исток има полоши последици за нафтата отколку двата нафтени шока во 70-тите години на минатиот век, а нејзините ефекти врз ситуацијата со гасот се полоши од последиците од руско-украинската војна.

– Ситуацијата е многу сериозна – предупреди Бирол.

Тој потсети дека нафтените кризи од 1973 и 1979 година доведоа до загуба на вкупно 10 милиони барели дневно, предизвикувајќи големи економски проблеми и рецесии ширум светот.

– Денес се губат 11 милиони барели дневно, што е повеќе отколку за време на двата големи нафтени шока заедно – рече Бирол.

Бирол наведе дека пазарите на гас, особено во Европа, по руската инвазија на Украина изгубиле околу 75 милијарди кубни метри, а досега, како резултат на војната на Блискиот Исток, е изгубено речиси двојно повеќе, односно околу 140 милијарди кубни метри.

Додаде дека 40 енергетски објекти во девет земји ширум регионот се „тешко или многу тешко оштетени“.

– Кога станува збор за некои од виталните артерии на глобалната економија, како што се петрохемиските производи, ѓубривата, сулфурот, хелиумот, нивната трговија е прекината, што ќе има сериозни последици по глобалната економија – рече тој.

Бирол информира дека Меѓународната агенција за енергија, со цел да ја ублажи кризата, пуштила на пазарот резерви од 400 милиони барели нафта, „што е историски настан“.

– Никогаш не сме пуштиле толку нафта на пазарите. Најважното решение за овој проблем е отворањето на Ормускиот Теснец – порача тој.

Тој додаде дека се консултира со владите во Европа, Азија, Северна Америка и на Блискиот Исток за можноста за пуштање понатамошни резерви на нафта.

– Ќе видиме, ќе ги следиме пазарите. Ако биде неопходно, секако, ќе го сториме тоа, но ќе ги следиме и анализираме приликите и ќе го процениме пазарот во разговор со нашите земји членки – заклучи тој.

Поврзани содржини