ТРАМП СЕ ПОВЛЕКОЛ ИЛИ САМО КУПУВА ВРЕМЕ Техеран тврди дека заканите ги натерале САД попуштат

Иран тврди дека заканите на Техеран го натерале американскиот претседател да ги одложи нападите, додека ги негира разговорите со САД. Во меѓувреме, Израел започна нови напади врз Техеран.

494

Иран тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп се повлекол од нападите по силно предупредување од Техеран. Според иранските медиуми и иранската амбасада во Кабул одложувањето на нападите не е резултат на дипломатија, туку на притисок.

Иранската страна наведува дека предупредила за можност од напади врз енергетската инфраструктура во целиот регион.






За разлика од наводите на Трамп дека имал „продуктивни разговори кои ќе траат цела седмица“, иранската агенција Фарс тврди дека немало никаква комуникација со САД. Иранското Министерство за надворешни работи оди чекор понатаму.

„Изјавите на Доналд Трамп се дел од обидот да ги намали цените на енергијата и да купи време за спроведување на неговите воени планови“, соопшти министерството.

Во исто време, министерството порачува дека Иран не ја започнал војната и дека притисокот треба да биде насочен кон Вашингтон.

Катар се огради дека посредува во преговорите. Дипломат за Си-Ен-Ен изјави дека зсемјата се фокусира на одбрана по нападите врз гасните постројки.

Во меѓувреме, ситуацијата на терен не се смирува. Израелската војска започна нов бран напади врз Техеран, насочени кон, како што велат, „инфраструктурата на иранскиот терористички режим“.

Барак Равид од израелскиот Канал 12 исјави дека Египет, Пакистан и Турција се три земји кои очајно се обидувале да купат време пред да истече ултиматумот на Трамп.

Трамп за време на викендот даде 48-часовен рок до Техеран да го отвори Ормускиот Теснец заканувајќи се со напади кон енергетските постројки и инфраструктура на Иран. Рокот истекува ноќта према вторник.

Трамп во понеделникот објави на социјалните мрежи дека решил да ги одложи нападите кон Иран на 5 дена по разговорите со Техеран со што престана да важи ултиматумот.

Поврзани содржини