БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА ВРИЕ ОД НЕЛАГАЛНО ОРУЖЈЕ Се проценува дека има над еден милион парчиња
Експертите предупредуваат дека Босна и Херцеговина, како постконфликтно општество не изградило систематски пристап кон ова прашање.
Граѓаните на Босна и Херцеговина располагаат со повеќе од 370.000 легално регистрирани парчиња оружје, додека бројот на нелегалното оружје, според проценките, надминува еден милион, што според експертите укажува на тоа дека населението е „вооружено до заби“.
Според претходните истражувања, бројот на нелегално оружје се движел меѓу 750.000 и 800.000 парчиња, а некои понови анализи покажуваат дека тој број веќе надминува 800.000. Координативниот одбор за контрола на мало и лесно оружје во БиХ во текот на 2025 година прибирал статистички податоци за легално регистрираното оружје, во услови кога во земјата се применуваат дури 12 различни закони во оваа област.
Утврдено е дека во Федерацијата БиХ минатата година имало 236.844 легални парчиња оружје, во Република Српска 130.380, а во дистриктот Брчко 4.919. За споредба, во 2020 година во Федерацијата биле регистрирани 182.338, во Република Српска 94.653, а во Брчко 3.828 парчиња. Овие податоци покажуваат дека за пет години бројот на легално оружје во БиХ пораснал од 280.819 на 372.143 парчиња.
Според официјалните статистики, 365.679 парчиња оружје се регистрирани на мажи, а 6.464 на жени. Експертот за безбедност Сафет Мушиќ оцени дека комбинацијата од голем број легално и нелегално оружје укажува на исклучително висока достапност на огненото оружје.
„Овие бројки се загрижувачки бидејќи ја зголемуваат веројатностa секојдневните конфликти да ескалираат во насилство со смртоносни последици. Ова се однесува на различни форми на криминал – од меѓукриминални пресметки, преку вооружени грабежи и шверц, па сè до семејно насилство“, изјави Мушиќ. Тој нагласи дека контролата и намалувањето на нелегалното оружје мора да бидат стратешки приоритет.
Социологот Владимир Васиќ оцени дека БиХ како постконфликтно општество не изградило систематски пристап кон ова прашање. „Со оглед на зголемениот број кривични дела извршени со огнено оружје, време е да се заострат законските регулативи“, заклучи Васиќ.