ПОВЕЌЕ ОД 2.000 ГРАЃАНИ ТРЧАА НА ХУМАНИТАРНАТА ТРКА ЗЕГИН СПЕКТРАТОН Донирани околу 50.000 евра за проекти на три здруженија

18.000 евра беа собрани од котизациите на пријавените учесници, а Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ донираше до сумата од 50.000 евра.

66

Општина Аеродром вчера по трет пат пулсираше во ритамот на хуманоста и спортскиот дух. Повеќе од 2.000 граѓани истрчаа километри полни љубов и разбирање, а децата уште еднаш покажаа дека овој настан е во вистинска смисла на зборот „Трка на херои во сите бои“ и храбро истрчаа во име на хуманоста, љубовта и свет еднаков за сите.

Од третото издание на трката „Зегин Спектратон – Трка на херои во сите бои“ која е во организација на компанијата Зегин и Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“, вкупно ќе бидат донирани околу 50.000 евра од кои 18.000 евра беа собрани од котизациите на сите пријавени учесници. Фондацијата ќе ги донира останатите средства со кои оваа година ќе бидат помогнати неколку здруженија.






Помошта е наменета за Здружението  Специјална Олимпијада – Македонија за Проектот за инклузивни спортски активности за лица со нарушување од спектарот на аутизам и интелектуална попреченост, за Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ за Проектот за поддршка на родители на деца со аутизам во процесот на остварување на права, обезбедување соодветни услуги и примена на алатки за асистивна технологија, алтернативна и аугментативна комуникација. Ќе биде помогнато и Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ за Проект: Изградба и опремување на креативен центар за невродивергентни лица во Куманово.

Организаторите со гордост изјавија дека Зегин Спектратон станува сè попопуларен настан и изразуваат благодарност до сите граѓани и компании кои сè повеќе ја препознаваат и поддржуваат оваа иницијатива чија цел е да се помогне на лицата со аутистичен спектар. Ваквите настани се показател дека општествената одговорност треба да биде важен сегмент на сите компании и поединци кои можат во голема мера да помогнат за подобрување на квалитетот на животот на оние на кои им е најпотребно.

Поврзани содржини