ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА СО ДЕЦА СО РАЗВОЈНИ ПОТЕШКОТИИ Фондацијата Д-р Верица Механџиска овозможи да се прошири Одделот за психофизиологија
Отворен е реновираниот Оддел за психофизиологија во објектот Мајчин дом при Клиниката за детски болести во Скопје.
Одделот од вчера има проширени просторни капацитети, со што значително се унапредуваат условите за работа и услугите за децата со развојни тешкотии и нивните семејства.
– Со проширувањето се овозможува подобра организација на дијагностичките и терапевтските активности, како и обезбедување посеопфатна стручна поддршка во областа на детскиот развој. Новите простории овозможуваат попријатна и пофункционална средина за работа на стручниот тим и за престој на пациентите – велат од Фондацијата Д-р Верица Механџиска.

Овој чекор претставува значаен придонес кон континуираното унапредување на квалитетот на здравствената заштита, со фокус на раната детекција, навремената интервенција и сеопфатната грижа за менталното и развојното здравје на децата со заостанување во психомоторниот развој и аутизам.
Фондацијата Д-р Верица Механџиска се јавува како најголем донатор во реализацијата на овој значаен проект со помош на средствата обезбедени од котизациите на учесниците во хуманитарната трка „Зегин Спектратон – трка на херои во сите бои“.
Хуманитарната трка оваа година се одржа по трет пат. Целта на трката е да се подигне свесноста на граѓаните и на општествено одговорните компании за лицата со нарушувања од аутистичниот спектар. Покрај собраните котизации, Фондацијата Д-р Верица Механџиска континуирано учествува со дополнителни средства за донации за оваа категорија граѓани.