ЗАМИНА НЕПОБЕДЛИВИОТ ХЕРОЈ Почина актерот Чак Норис, легендарниот мајстор на боречки вештини

Холивудската икона зад себе остави богато филмско и телевизиско наследство, а неговата најпозна улога е во серијата „Вокер, тексашки ренџер“, каде глумеше полицаец кој се бори против криминалот.

260

На 87-годишна возраст вчера почина Чак Норис, легендарен мајстор на боречки вештини и неуништлив јунак од акциските филмови, како и ѕвезда на култната серија „Валкер, тексашки ренџер“.

Тажната вест ја потврди неговото семејство. Актерот ден претходно беше хоспитализиран на Хаваи.






Холивудската икона, зад себе остави богато филмско и телевизиско наследство.

Неговото семејство во емотивна изјава порача дека живеел со цел и со непоколеблива посветеност кон оние што ги сакал.

„Преку својата работа, дисциплина и добрина инспирираше милиони ширум светот и остави траен белег во многу животи. На неговите обожаватели им порачуваме – не му бевте само обожаватели, туку му бевте пријатели“, соопшти семејството Норис.

Иако би сакале околностите да ги задржиме приватни, знајте дека беше опкружен со своето семејство, се додава во соопштението.

Неговите улоги во акциските филмови и ТВ-сериите го направија икона за строг човек, а за него беа создадени стотици шеги мотивирани од неговата непобедливост на филмското платно.

Пред да стане холивудска, Норис беше исклучително успешен во натпреварувачките боречки вештини. Тој стана шесткратен непоразен светски шампион во професионална карате средна категорија. Тој е основач на корејско-базираната американска школа за карате позната како „Чун кук до“.

Роден како Карлос Реј Норис во Рајан, Оклахома, на 10 март 1940 година, тој пораснал во сиромаштија. На 12-годишна возраст се преселил со семејството во Торенс, Калифорнија, и по завршувањето на средното училиште се приклучил на американските воздухопловни сили во 1958 година. За време на распоредувањето во Кореја, тој  почнал да тренира боречки вештини, вклучувајќи џудо и танг су до. Откако бил почесно отпуштен во 1962 година, аплицирал за полицаец, но бил ставен на листа на чекање. Во меѓувреме, отворил студио за боречки вештини, кое се проширило во синџир, а меѓу учениците биле ѕвезди како Боб Баркер, Присила Пресли, Дони и Мари Осмонд и Стив Меквин, на кого подоцна му се припишува заслугата за охрабрувањето да се занимава со глума.

Норис го имаше своето филмско деби како телохранител во филмот од 1968 „Екипа за рушење“, во кој имаше и борба со Дин Мартин. Се сретнал и со Брус Ли во круговите за боречки вештини. Нивното пријателство доведе до славната борба во филмот од 1972 „Враќањето на змејот“, во кој Ли се бори и го убива ликот на Норис во Колосеумот во Рим. Понатаму глумеше во над 20 филмови, како „Исчезнати во акција“, „Делта форс“ и „Другари“. Во 1993 година, тој ја доби својата најпозната улога  како полицаец кој се бори против криминалот во ТВ-серијата „Вокер, тексашки ренџер“. Серијата се емитуваше 9 сезони, а во 2010 година, тогашниот гувернер Рик Пери му ја додели титулата почесен тексашки ренџер. Сенатот на Тексас подоцна го прогласи за почесен Тексашанец.

Смртта на Чак Норис затвори едно големо поглавје од поп-културата, но и потсети колку неговиот живот беше поголем од филмскиот мит што го следеше со децении. Од вистински мајстор на боречки вештини и акциска ѕвезда, до семеен човек и хуманитарец, Норис зад себе остави приказна што далеку го надминува  имиџот на непобедлив јунак од екранот.

Во последните години од животот беше значително  повлечен отколку во периодот на најголемата слава, но повремено на социјалните мрежи споделуваше делови од секојдневието.

Само 10 дена пред смртта објави роденденско видео на кое вежба во тропско опкружување и порача: „Не стареам, само преминувам на повисоко ниво.“ Во описот напиша дека е благодарен за уште една година, доброто здравје и можноста и понатаму да го прави она што го сака.

Во приватниот живот, Норис имаше 2 брака и 5 деца.

Од 1998 година беше во брак со поранешната манекенка Џина О’Кели, со која живееше на ранч во Тексас. Се запознале во 1997 година во Далас, а заедно добија близнаци, Дакота и Данили, родени во 2001 година.

Неодамна Норис откри дека животот на нивното семејство се променил преку ноќ поради еден наизглед банален проблем. Причина била инјекција што во 2013 година лекарите ѝ ја дале на неговата сопруга пред магнетната резонанца за ревматоиден артритис.

Компликациите биле повеќе од сериозни. Пет месеци лежела, целосно неподвижна, и се молела страдањето да заврши што побрзо. Чак, кој ниту еден момент не се двоумел, веднаш заборавил на снимањата и сè друго и не се одвојувал од сопругата. Спиел на каучот покрај нејзиниот кревет, го следел секој нејзин здив.

Пред болеста, таа била во одлична физичка форма. Се занимавала со спорт, здраво се хранела и уживла во животот, без да претпостави дека од сето тоа ќе мора да се прости на подолг рок. За среќа, успеала да се опорави, а Норис одлучил да побара правда на суд и да утврди чија е вината што Џина се нашла во таква положба.

Претходно беше 30 години во брак со Дијан Кеј Холечек, со која ги доби синовите Мајк и Ерик. Покрај нив, Норис имаше и ќерка Дина, родена од вонбрачна врска додека служел во американското воено воздухопловство.

Поврзани содржини