ПОЕВТИНУВААТ НАД 300 ЛЕКОВИ „Ксарелто“ со значително намалена цена, како и терапијата на срцеви пациенти

Од 1 мај стапуваат на сила пониски максимални цени за над 300 лекови, меѓу кои и терапијата за кардиоваскуларни заболувања.

975

Граѓаните од 1 мај ќе купуваат поевтини лекови, откако Министерство за здравство на Северна Македонија го спроведе годишното усогласување на максималните цени за 2026 година. Намалување е постигнато кај повеќе од 300 медикаменти, меѓу кои и лекот Ксарелто, кој се користи во третман на кардиоваскуларни заболувања.

Министерот за здравство Азир Алиу нагласува дека цените на лековите се важен инструмент за достапна терапија и стабилен здравствен систем.






– Со анализи и преговори успеавме да обезбедиме намалување таму каде што има пазарни услови за тоа. Ова значи полесен пристап до терапија за пациентите и намалување на трошоците – истакна Алиу.

Според објавените податоци, пониски максимални цени има кај 156 оригинаторни лекови, 174 генерички и 13 медикаменти од интервентен увоз.

Особено значајно е намалувањето на цената на „Ксарелто“, кој често пациентите го набавуваа од странство поради пониски цени. Во големопродажба, цената за таблетите од 15 и 20 милиграми се намалува од над 2.300 на околу 1.600 денари, додека таблетите од 10 милиграми поевтинуваат од околу 824 на 589 денари.

Од Министерството најавуваат дека лекот е предложен за вклучување на позитивната листа во примарната здравствена заштита во текот на годинава, што би значело дополнително намалување на трошоците за пациентите преку покривање на дел од цената од страна на државата.

Новите цени ќе почнат да се применуваат по периодот во кој фармацевтските компании треба да ги усогласат цените во прометот на големо и мало.

Поврзани содржини