ДИПЛОМАТИЈА И ПРЕГОВОРИ МОЖЕ, БРОДОВИ НЕ Сојузниците резервирани кон барањата на Трамп
Од владата на Германија порачаа дека евентуален американски воен конфликт со Иран нема никаква врска со НАТО: „Тоа не е војна на НАТО. НАТО е одбранбен сојуз“..
Повеќе европски држави реагираа претпазливо на повикот на американскиот претседател Доналд Трамп сојузниците да испратат воени бродови за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот Теснец. Наместо директно приклучување кон таква мисија, дел од владите порачаа дека кризата треба да се решава по дипломатски пат и дека не планираат воени операции во теснецот.
Италија смета дека кризата треба да се реши со дипломатија
Министерот за надворешни работи на Италија Антонио Тајани изјави дека кризата во Ормускиот Теснец треба да се решава по дипломатски пат и нагласи дека Италија не учествува во никакви поморски мисии што би можеле да се прошират на тој регион.
– Што се однесува до Ормус, верувам дека дипломатијата мора да надвладее – изјави Тајани пред новинарите на маргините на состанок во Брисел.
Тој објасни дека Италија учествува во одбранбени поморски мисии во Црвеното Море, но ја исклучи можноста тие активности да се прошират.
– Не гледам никакви мисии што би можеле да се прошират на Ормуз – додаде Тајани.
Грција не планира воени операции во Ормуз
Владата на Грција соопшти дека земјата нема да се вклучи во никакви воени операции во Ормускиот Теснец. Одлуката следува по повикот на Трамп до Велика Британија, Кина, Франција, Јапонија и Јужна Кореја да испратат бродови на една од најпрометните поморски рути во светот, која според извештаите е сериозно загрозена од блокадата на Иран.
Одговорот на тој повик главно беше воздржан. Земјите издаваа општи изјави дека дијалогот е во тек и дека се координираат со сојузниците, но ниту една досега не се согласи да испрати свои бродови во овој исклучително опасен теснец.
Британија сака решение, но не и вовлекување во конфликт
Премиерот на Велика Британија Кир Стармер во обраќање од Даунинг стрит ја изложи позицијата на земјата во врска со војната во Иран, нагласувајќи дека главен приоритет е заштитата на британските граѓани во регионот.
Тој порача дека Велика Британија нема да дозволи да биде вовлечена во поширок конфликт и дека Лондон ќе продолжи да работи на брзо решение за запирање на иранската закана.
Стармер потврди дека продолжуваат напорите за помош на британските државјани во Либан и посочи дека во регионот има значително британско воено присуство, кое вклучува илјадници припадници на вооружените сили на Кипар, три ескадрили борбени авиони и тимови за пресретнување напади со беспилотни летала.
Тој оцени дека американската операција значително ја ослабнала воената способност на иранскиот режим, но истакна дека по конфликтот ќе биде потребен некаков договор што ќе ја ограничи можноста за обновување на иранската нуклеарна програма и ќе ја гарантира безбедноста на меѓународниот поморски сообраќај. Според него, Ормускиот Теснец мора повторно да се отвори за да се обезбеди стабилност на пазарите.
„Тоа не е едноставна задача“, призна Стармер, додавајќи дека Велика Британија соработува со сојузниците на изработка на одржлив план за повторно воспоставување на слободата на пловидба во регионот.
За Германија конфликтот со Иран нема врска со НАТО
Од владата на Германија порачаа дека евентуален американски воен конфликт со Иран „нема никаква врска со НАТО“.
– Тоа не е војна на НАТО. НАТО е одбранбен сојуз – изјави владиниот портпарол Штефан Корнелиус пред новинарите во Берлин.
Тој додаде дека германската влада внимателно ја проценува ситуацијата и сопствениот став во врска со евентуално учество во таков конфликт, предупредувајќи дека проширувањето на борбените операции би носело сериозни ризици за партнерите на Блискиот Исток и во Персискиот Залив.
Германската влада и претходно повеќепати соопшти дека нема намера да учествува во американска војна против Иран.
Шпанија повикува на дијалог и преговори
Министерот за надворешни работи на Шпанија Хосе Мануел Албарес изјави дека Европа мора да настапи како независен глас што ќе спречи натамошна ескалација на конфликтите и ќе го брани меѓународното право.
Тој предупреди дека конфликтите на Блискиот Исток претставуваат закана и за регионалната стабилност и за европските интереси.
– Европа мора да се разбуди во момент кога нашите интереси, благосостојбата на нашите граѓани и нашите вредности се загрозени во повеќе делови од светот – изјави Албарес пред состанокот на Советот на министри за надворешни работи на Европската Унија.
Тој нагласи дека Европа мора да ја промовира дипломатијата и преговорите, а не воената ескалација.
– Гласот на Европа во овој момент мора да биде независен и суверен глас што носи разум, дипломатија, дијалог и преговори таму каде што други бараат војна и конфликт – порача шпанскиот министер.
ТРАМП ВРШИ ПРИТИСОК ЗА ПОМОШ ВО ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Еве како засега реагираат прозваните земји