БОРБАТА ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО ДАВА РЕЗУЛТАТИ Светски метрополи успеале драстично да го исчистат воздухот

Нова анализа покажува дека решителни политики и зелени мерки можат да го намалат загадувањето на воздухот за дури 45 проценти во период од нешто повеќе од една деценија.

51

Деветнаесет големи градови ширум светот, меѓу кои Лондон, Сан Франциско и Пекинг, успеале да ги намалат нивоата на два клучни загадувачи на воздухот за повеќе од 20 проценти од 2010 година наваму, покажува нова анализа на квалитетот на воздухот во речиси 100 урбани средини.

Најголемо намалување на концентрациите на фини честички PM2.5 е забележано во Пекинг и Варшава, каде што нивото е намалено за повеќе од 45 проценти. Во меѓувреме, Амстердам и Ротердам постигнале најголем напредок во намалувањето на азот диоксидот (NO₂), за повеќе од 40 проценти, објави Гардијан.






Од вкупно 19-те градови што покажале најголем напредок, девет се наоѓаат во Кина, додека останатите се во европските држави.

Сан Франциско е единствениот град во Соединетите Американски Држави што успеал да ги намали нивоата на двата загадувачи за повеќе од 20 проценти.

Анализата покажува дека мерките како изградба на велосипедски патеки, зголемена употреба на електрични автомобили и ограничувања за најзагадувачките возила значително придонеле за подобрување на квалитетот на воздухот.

– Овој извештај покажува дека градовите можат да го намалат токсичното загадување на воздухот за 20 до 45 проценти за нешто повеќе од една деценија. Тоа не се случува само во еден дел од светот – од Варшава до Бангкок, градовите покажуваат дека веќе постојат алатки за справување со оваа криза – изјави Сесилија Вака Џонс, извршен директор на „Bright Cities“.

Извештајот, доставен до Гардијан, го анализирал квалитетот на воздухот во градови вклучени во мрежите „C40 Cities“ и „Bright Cities“. Станува збор главно за големи урбани центри, но и за помали градови како Хајделберг.

Резултатите покажуваат дека значително намалување на загадувањето може да се постигне во рок од 15 години доколку се преземат решителни политики.

Како успешни примери се наведуваат брзото преминување на Кина кон електрични возила, проширувањето на велосипедските патеки во густо населените европски градови, ограничувањата за возила со високи емисии во Лондон и постепеното напуштање на греењето со јаглен и дрва во Варшава.

Експертите предупредуваат дека согорувањето на фосилни горива ослободува токсични гасови и штетни честички кои претставуваат една од најголемите закани за здравјето на луѓето. Најситните честички можат да навлезат во крвотокот и да се шират низ целото тело, оштетувајќи различни органи, додека азот диоксидот ги иритира респираторните патишта и придонесува за појава на кисел дожд.

Поврзани содржини