ТИНЕЈЏЕРСКА СЕНЗАЦИЈА ВО ИНДИЈАН ВЕЛС Мбоко ја разнесе Анисимова, следува дуел со Сабаленка
Канадската тинејџерка приреди големо изненадување на ВТА 1000 турнирот во Индијан Велс. Во четвртфиналето ја чека дуел со првата тенисерка во светот.
Канадската тенисерка Викторија Мбоко која има само 19 години приреди големо изненадување на турнирот од серијата ВТА 1000 во Индијан Велс. Таа убедливо ја совлада Американката Аманда Анисимова со 6:4, 6:1 и се пласираше во четвртфиналето.
Со оваа победа Мбоко си обезбеди дуел со светскиот број еден, Арина Сабаленка.
– Многу работи ми се случуваат по првпат во животот. Голема привилегија е да играм против тенисерки од првите десет – изјави Мбоко пред мечот со Сабаленка, од која неодамна загуби во Мелбурн.
За младата Канаѓанка, која е родена во САД, ова е четврта победа над ривалка од топ-10 оваа сезона.
Мбоко го привлече вниманието летово кога триумфираше на мастерсот во Канада, иако настапи со вајлд-карта.
Сепак, најголемото изненадување на турнирот го приреди Австралијката Талија Гибсон.
21-годишната тенисерка, која се наоѓа на 112. место на ВТА-листата, ја елиминираше седмата тенисерка во светот Јасмин Паолини со 7:5, 2:6, 6:1.
– Немам зборови – изјави Гибсон по големата победа.
Таа веќе скокна 45 позиции на ВТА-листата и има шанса дополнително да напредува. Победа над Чехинката Линда Носкова би можела да ја искачи дури до 55. место.
Гибсон е најмладата тенисерка што стигнала до четвртфинале на турнир од серијата ВТА 1000 во своето деби уште од 2019 година, кога тоа го направи Јелена Рибакина во Вухан.