И КАЛИФОРНИЈА ПОД ЗАКАНА ОД ИРАН?! Службите стравуваат од дроновите на Техеран
Американските служби предупредиле на можен ирански напад со дронови од бродови во Пацификот. Како потенцијална цел се споменува Калифорнија. Предупредувањето, засновано врз разузнавачки информации од почетокот на февруари, било испратено до локалните власти кон крајот на минатиот месец.
Американското Федерално биро за истраги предупредило локални безбедносни агенции во Калифорнија дека Иран би можел да возврати на американските воени напади со нападо со бродови на Западниот брег на САД.
Предупредувањето, засновано врз разузнавачки информации од почетокот на февруари, било испратено до локалните власти кон крајот на минатиот месец, јавува Еј-Би-Си Њуз.
„Според информациите што ги добивме неодамна, Иран наводно имал намера да изврши изненадувачки напад со беспилотни летала од неидентификуван брод крај брегот на Соединетите Американски Држави. Нападот би бил насочен кон неодредени цели во Калифорнија и би бил извршен во случај на американски напади врз Иран“, стои во документот.
Предупредувањето доаѓа во контекст на воените акции на администрацијата на Доналд Трамп против Иран. Иран веќе одговори со напади со беспилотни летала врз цели во Блискиот Исток.
Канцеларијата на ФБИ во Лос Анџелес одби да даде коментар, а Белата куќа засега не одговори на барањето за изјава.
Американските разузнавачки служби изразија и загриженост поради растечката употреба на беспилотни летала од мексиканските нарко-картели.
Постојат стравувања дека оваа технологија би можела да се искористи за напад врз американски сили и безбедносен персонал долж границата меѓу САД и Мексико.
Џон Коен, поранешен висок разузнавачки функционер во Министерството за внатрешна безбедност, предупреди дека ризикот од дронски напади од Пацификот и од мексиканската граница не треба да се потцени.
– Знаеме дека Иран има значително присуство во Мексико и во Јужна Америка. Тие имаат врски, имаат беспилотни летала и мотив за напади – рече Коен.
Според него, предупредувањето на ФБИ било важно за локалните власти подобро да се подготват за можни закани.