„СЕЈФ СИТИ“ ГО ПОМИНА УСТАВНИОТ ТЕСТ Судот ги отфрли сите иницијативи за поништување
ставниот суд ги отфрли сите иницијативи против системот „Безбеден град“. Судот оцени дека измените во Законот за прекршоци не се во спротивност со Уставот.
Уставниот суд ги отфрли сите иницијативи на денешната 7. седница со кои се оспоруваше уставноста на законските измени од Законот за прекршоци за системот „Безбеден град“.
Уставните судии одлучија дека измените во Законот за прекршоци не се во спротивност со Уставот и ги отфрлија иницијативите поднесени од двете крила на Алијансата за Албанците, предводени од Зијадин Села и од Арбен Таравари и од студентот Или Пачуку со кои се бараше Уставниот суд да ги поништи „спорните“ одредби.
Иницијативите се однесуваа на одредбите од Законот за прекршоци во делот на „достава”, „издавање на записник за сторен сообраќаен прекршок со сообраќаен патен налог” и прифаќање или неприфаќање на одговорност за сторен прекршок, како и тоа што овој систем се применува само на територијата на градовите Скопје, Куманово и Тетово, а не на целата држава и поради тоа тврди дека има селективна територијална примена и спорен начин на кој се применува.
Според судијката известител, Ана Павловска-Данева кога станува збор за (не)употребата на албанскиот јазик во пораките и известувањата што ги добиваат граѓаните за сторени прекршоци, нема потреба за секое процесно дејствие поединечно да пишува дека треба да се применува Законот за јазиците. Таа вели дека во Законот за прекршоци нема одредба што ја оспорува употребата на јазиците.
И поседувањето мобилен телефон не се коси со која било одредба од Уставот. За тоа дека со Законот може да се злоупотребат личните податоци, таа наведе дека постои Закон за заштита на лични податоци и дека и МВР и Агенцијата за заштита на личните податоци ги дале сите согласности за заштита на приватноста на граѓаните.
Пред Уставните судии во работа останува уште еден предмет во кој има одредби од Кривичниот законик во врска со „Безбеден град“, кои меѓу другото опфаќаат и одземање на возила, како членовите 297 и 300 б.
Уставниот суд на денешната седница, исто така, донесе одлука да се запре постапката за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите од 2024 година, поведена во декември минатата година, бидејќи тие измени не се веќе во правен поредок, а по сопствена иницијатива се поведе за новите измени од февруари годинава.