TEХЕРАН ТВРДИ ДЕКА ИМА ХРАНА ЗА ДОЛГА ВОЈНА Се заканува со жесток напад ако бидат гаѓани иранските пристаништа
Иран тврди дека има доволно храна и капацитет да ја издржи војната. Војската предупреди дека пристаништата во регионот ќе станат цели ако бидат нападнати иранските.
Иранската прехранбена индустрија има доволно капацитет за да ги задоволи домашните потреби и покрај воената криза. Ова го изјави Рашид Азизпур, генерален секретар на Здружението на прехранбената индустрија.
Тој нагласи дека производството на храна во земјата ја надминува домашната побарувачка.
– Производствениот капацитет на иранската прехранбена индустрија ја надминува домашната побарувачка. Потребните суровини за производство во следните неколку месеци веќе се обезбедени – изјави Азизпур за новинската агенција Ирна, пренесува „Техеран тајмс“.
Според него, земјата не се соочила со недостиг на основни прехранбени производи од почетокот на конфликтот.
– Од почетокот на наметнатата војна, во ниту еден момент не сме се соочиле со недостиг на прехранбени производи – рече Азизпур.
Сепак, предупреди дека растечките трошоци за транспорт и енергија ќе извршат силен притисок врз пазарот.
Во меѓувреме, иранската војска испрати силно предупредување до САД и нивните сојузници.
Портпарол на иранската армија изјави дека пристaништата во регионот ќе станат легитимни цели доколку бидат нападнати иранските пристанишни објекти.
Предупредувањето доаѓа по апелот на Централната команда на САД цивилите во Иран да се оддалечат од пристаништата долж Ормутскиот теснец.
Американската воена команда соопшти дека иранските власти користат цивилни пристаништа за воени операции. Поради тоа, објектите што се користат за воени цели може да го изгубат статусот на заштитени цивилни објекти според меѓународното право.
„Оваа опасна акција ги ризикува животите на невини луѓе“, се вели во пораката со предупредување.