ДАЛИ СЕ ЗАКАНУВА И ВОЈНА ЗА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ? Застрашувачко сценарио за конфликтот на Блискиот Исток

Ако војната на Блискиот Исток се прошири, едно од најстрашните сценарија што ги разгледуваат безбедносните аналитичари е можноста конфликтот да се претвори во војна за вода за пиење.

309

Во регион каде што природните извори на слатка вода се речиси непостоечки, милиони луѓе преживуваат благодарение на неколку десетици огромни постројки за десалинизација на морска вода. Тие индустриски комплекси се лоцирани долж бреговите на Персискиот Залив и Средоземното Море – и претставуваат големи, статични цели кои, во случај на воена ескалација, би можеле да станат стратешка мета.

Државите од Персискиот Залив денес произведуваат околу 40 проценти од целата десалинизирана вода во светот. Благодарение на оваа технологија, во последните децении во срцето на пустината се изградија мегаградови со милиони жители – Дубаи, Абу Даби, Ријад, Доха и Кувајт Сити. Без овие постројки, животот во голем дел од Арапскиот Полуостров би бил практично невозможен.






Зависност од десалинизација

Зависноста од десалинизацијата е исклучително висока. Во Кувајт околу 90 проценти од водата за пиење се добива од десалинизирана морска вода, во Саудиска Арабија околу 70%, а во Обединетите Арапски Емирати околу 42%. Во Катар и Бахреин десалинизацијата обезбедува повеќе од половина од водата за пиење, а во некои проценки дури и над 90% од потребите на населението.

Овие пет држави имаат околу 58 до 60 милиони жители, а огромното мнозинство живее во големи урбани центри. Водата што ја користат градовите како Ријад, Џеда, Дубаи, Абу Даби, Доха, Кувајт Сити и Манама се произведува во крајбрежни постројки, а потоа преку масивни системи од цевководи се транспортира и до неколку стотици километри во внатрешноста на пустината.

Ранлива инфраструктура

Проблемот е што оваа инфраструктура е многу ранлива. Десалинизациските постројки се огромни индустриски комплекси со резервоари, пумпи, електрани и цевководи. За разлика од други критични системи, тие не можат да се сокријат или преместат. Во случај на вооружен конфликт, тие лесно се идентификуваат од воздух и претставуваат потенцијални цели за ракети или дронови.

Слична зависност од десалинизација постои и во Израел. Земјата изгради пет големи постројки на брегот на Средоземното Море – Ашкелон, Хадера, Палмахим, Сорек и Ашдод. Тие обезбедуваат повеќе од половина од целата вода за пиење во државата, а во урбаните подрачја нивниот удел достигнува и 60% до 80%

Во модерниот Израел десалинизацијата практично го трансформираше водниот систем. Во комбинација со рециклирање на отпадните води и штедење, земјата успеа да го надмине хроничниот недостиг од вода. Но токму оваа зависност од неколку големи крајбрежни комплекси создава нов тип стратешка ранливост.

Опасност од хуманитарна криза

Во безбедносните анализи често се поставува прашањето што би се случило доколку овие постројки бидат погодени во воен конфликт. Во регион каде што нема големи реки или езера, уништувањето на неколку вакви системи може брзо да предизвика хуманитарна криза со милиони луѓе без вода за пиење.

Водата и порано била фактор во блискоисточните конфликти. Уште во 1960-тите, спорот околу распределбата на водата од реката Јордан и Галилејското Езеро доведе до сериозни регионални тензии. Но денес ситуацијата е поинаква: новата технологија создаде инфраструктура од која директно зависи опстанокот на големите градови.

Токму затоа некои аналитичари предупредуваат дека во иднина водата може да стане новата геополитичка „слаба точка“ на Блискиот Исток. Во регионот каде што температурите растат, населението се зголемува, а природните водни ресурси се ограничени, инфраструктурата што ја произведува водата станува исто толку важна како и нафтените полиња.

Ако конфликтите во регионот продолжат да ескалираат, можноста за напади врз водната инфраструктура ќе станува сè пореална. Во такво сценарио, Блискиот Исток би можел да се соочи со нова и опасна форма на конфликт – војна во која највредниот ресурс нема да биде нафтата, туку водата за пиење.

САД НАПАДНАЛЕ ПОСТРОЈКА ЗА ДЕСАЛИНИЗАЦИЈА НА ВОДА Околу 30 населени места во Иран останале без вода

Поврзани содржини