РАСТОТ НА МАКЕДОНСКИОТ БДП Е МЕЃУ ПРВИТЕ ТРИ ВО ЕВРОПА Мицкоски очекува годинава да имаме раст од 3,5 до 4%

Мицкоски посочи дека 2025 година земјава ја заокружи со реален раст од околу 3,5%.

46

Шест квартали по ред имаме реален бруто домашен производ кој расте за три и пол проценти во просек. Во последните два квартала од 2025 година, реалниот бруто домашен производ порасна за 3,8%, изјави денеска премиерот Мицкоски, додавајќи дека владините политики даваат резултати.

Според него, опозицијата често се исмева кога го зборува ова, но, како што нагласува, факт е дека во четвртиот квартал, според податоците објавени од Евростат, реалниот раст на македонскиот бруто домашен производ е во првите три во Европа.






– Ако се вратиме пред неколку години наназад, ќе дојдеме до констатација дека тогаш бевме на дното во регионот. Сега сме да речеме пред соседите. Ако во четвртиот квартал, Бугарија забележа раст од 3,2%, Хрватска 3,6, Србија 2,2, Грција околу 2%, ние со 3,8 сме лидери во регионот. Сега повторно ќе излезат ботовите од опозицијата, повторно ќе го исмеваат тоа што ќе го кажам, но нека продолжат со исмевање, а ние ќе продолжиме да работиме и да поддржуваме успешни приказни кои придонесуваат за БДП – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посетата на штипската компанија „Актива“.

Мицкоски посочи дека 2025 година земјава ја заокружи со реален раст од околу 3,5%. За оваа година се очекува растот да се движи меѓу 3,5 и 4%.

– Очекуваме да имаме континуиран раст во услови кога европскиот раст е некаде 0,5, – 0,6%. Ова значи дека економијата е консолидирана и политиките што ги води оваа Влада, фискалната консолидација, но и буџетското консолидирање на буџетскиот дефицит вродуваат со плод. Од една страна, имаме политика која внимава, не троши премногу, но, она што го троши, го троши на целен начин и таа цел вродува со плод. Резултатот од таквата политика е токму овој пораст. Инаку она што треба да се напомене е тоа дека номиналниот бруто домашен производ во 2025 година се зголеми за 8,2 – 8,3%, нешто што претставува историски рекорд за македонската економија. Нашата цел како Влада беше номиналниот БДП на крајот од мандатот, односно во 2028 да надмине 20 милијарди долари. Таа сума ја натфрливме по само година и половина од мандатот во 2025 година – рече премиерот.

Според ММФ, за 2026 година, како што рече Мицкоски, номиналниот бруто домашен производ за македонските граѓани е поставен на ниво од нешто повеќе од дваесет и една милијарда долари.

– Според куповната моќ во 2026 година, ММФ ни предвидува дека по глава на жител ќе се движиме меѓу 31 – 32.000 долари. Се приближуваме до Црна Гора и Србија. Далеку сме пред, да речеме, Албанија, Косово, Молдавија и други земји како Грузија, Белорусија и така натаму. Иако пред две години бевме и зад нив. Така што, сега нашата цел е да ги поминеме и овие две земји, кои се дел од шесте земји од Западен Балкан, и да одиме еден чекор понатаму, односно полека да ги стигнеме земјите, како што се членките на Европската унија како Бугарија, Романија… – рече Мицкоски.

Тој вели и оти за жал многу малку било направено од владата на СДСМ и ДУИ, но, како што истакна, како Влада нема да очајуваат туку ќе прават гигантски чекори за да се продолжи напред.

Поврзани содржини