БУГАРИЈА ГО ПРИВРШУВА ВЕРТИКАЛНИОТ ГАСЕН КОРИДОР Ќе пренесува американски течен гас кон Централна Европа

Овој гасовод има преносен капацитет до 8 милијарди кубни метри годишно.

96

Бугарија планира да ја заврши инфраструктурата на Вертикалниот гасен коридор низ земјата до крајот на годинава. Сега се реализираат активности на зголемување на капацитетот на клучните меѓусистемски точки на границата со Грција и на границата со Романија.

Ова го потврди неодамна Владимир Малинов, директор на „Булгартрансгас“ на состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Атина, пренесе Инвеститор бг.






Тој рече дека зголемениот преносен капацитет помеѓу Грција и Бугарија и помеѓу Бугарија и Романија ќе биде понуден на пазарот на следната годишна аукција.

Малинов ја истакна можноста за обединување на пазарите во регионот и поднесување заедничка апликација за склучување долгорочен договор со добавувачи на американски течен гас за постигнување подобри цени.

Вертикалниот гасен коридор е единствената можност за пристап до американски течен гас за земјите од Југоисточна Европа.

Идејата за Вертикален гасен коридор се појави во 2014 година, но доби нов импулс со војната во Украина и плановите за напуштање на рускиот природен гас.

Во 2023 година, „Булгартрансгас“ објави дека има голема побарувачка за гас и предложи реализација на проектот. Првичната идеја беше за преносен капацитет помеѓу 3 милијарди кубни метри и 5 милијарди кубни метри природен гас годишно од Грција, Бугарија и Романија до земјите од Централна Европа – Унгарија, Словачка, како и Молдавија и Украина.

Сега се зборува за преносен капацитет до 8 милијарди кубни метри годишно.

Поврзани содржини