📽️ МИЛИОНИ БЕЗ СТРУЈА, ГРАДОВИ ВО ЗАСТОЈ Снежен хаос го блокираше источниот брег на САД

Рекордна зимска бура донесе десетици сантиметри снег, остави стотици илјади без струја и предизвика масовни нарушувања во воздушниот сообраќај.

71

Голема зимска бура го погоди источниот брег на САД, носејќи рекордни снежни врнежи што предизвикаа хаос за милиони луѓе и доведоа до откажување на повеќе од 5.000 летови.

Според BBC, Националната метеоролошка служба на САД соопштила дека во делови од Род Ајленд и Масачусетс наврнале речиси 94 сантиметри снег, додека снежната покривка во Централ Парк во Њујорк надминала 48 сантиметри.






Властите јавија дека во Њујорк вчера владееле „речиси невозможни“ услови за патување.

Повеќе од 600.000 домови и бизниси на источниот брег останале без електрична енергија, при што најтешко погодени се државите Њу Џерси и Масачусетс.

Издадени се предупредувања за зимска бура за жителите од Северна Каролина до северен Мејн, како и за делови од источна Канада. Според метеоролозите, во некои области на североистокот на САД се очекувале повеќе од 60 сантиметри снег до утрово по локално време.

Најтешко погоден Род Ајленд

Се чини дека Род Ајленд, најмалата американска држава, добил најмногу снег од бурата. Локалните медиуми оценуваат дека станува збор за една од најсилните снежни бури што ја погодиле државата.

Во Масачусетс без струја останале речиси 300.000 луѓе, меѓу кои и околу 85% од потрошувачите во округот Барнстејбл, кој го опфаќа целиот Кејп Код.

Во Њујорк, забраната за патување го доведе градот со повеќе од осум милиони жители речиси до целосен застој, пред да биде укината напладне по локално време. Во еден момент беа затворени сите патишта, автопати и мостови.

Во Конектикат и Њу Џерси постоеше сериозен ризик од паѓање дрвја и гранки, што дополнително ги влоши условите на патиштата и предизвика прекини на струјата.

Според веб-страницата FlightAware, бројот на откажани летови во, до или од САД надминал 5.706.

Снегот како здравствен ризик

Британскиот таблоид The Sun предупредува дека за време на бурата Американците биле повикани на внимателност при чистење снег, бидејќи тешкиот и влажен снег може сериозно да го оптовари срцето.

Д-р Алина Митина, специјалист по итна медицина во Универзитетскиот медицински центар Хакенсак, предупреди дека дури и излегувањето на студ може да биде ризично.

— Чистењето на 15 инчи (38 сантиметри) снег е исклучително напорно и го зголемува ризикот од срцев удар кај луѓе кои не се навикнати на ваков напор — изјави Митина.

Кардиологот Лук Лафин додаде дека чистењето снег е споредливо со „врвна физичка активност“ на стрес-тест.

— Тоа става огромен товар на срцето — предупреди тој.

Според „American Journal of Emergency Medicine“, меѓу 1996 и 2006 година повеќе од 200.000 луѓе биле лекувани поради повреди поврзани со чистење снег, а регистрирани биле и околу 1.600 смртни случаи.

За да се намали ризикот, лекарите советуваат снегот да се турка нанапред наместо да се крева и фрла, бидејќи така се намалува оптоварувањето на телото и срцето.

Поврзани содржини