ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ИЗНАЈМУВА СТАН ЗА 1,3 ЕВРО И ЗА 3.740 ЕВРА Највисоки се кириите во општина Центар
Податоците на Катастарот покажуваат дека значителен раст забележан е и кај категоријата деловни простории, каде бројот на закупи во 2025 година е 1.651 и вкупна цена од 1.182.700 евра.
Во втората половина од 2025 година евидентирани се 5.237 закупи што е за 14,2% повеќе во однос на истиот период од претходната година. Најголем број од овие закупи припаѓаат на станови, 2.156 (41%) и на деловни простории, 1.651 (32%), покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.
Според овие податоци, можат да се забележат големи разлики на висината на закупнините. Така, во скопската општина Центар е остварен највисок износ на закупнина од 230.450 денари (3.741 евро), а во Струмица минимум на цена на месечни закупнини по станбени единици од само 83 денари (1,34 евра).
Најмногу закупи на станови во втората половина од 2025 година има во Центар – 502, по што следуваат Штип – 356, Аеродром – 301, Карпош – 257.
Највисока вкупна вредност на остварена цена од закуп на станови постигната е во Центар, 11.413.380 денари (185.282 евра), Аеродром, 5.898.230 денари ( 95.750 евра), и Карпош 5.742.485 денари (93.222 евра).
Во скопските општини, највисоката просечна месечна закупнина на стан има во Центар 22.736 (369 евра) а најниска во Бутел 3.489 денари (56,6 евра). Во Карпош изнесува 22.344 денари ( 363 евра), Аеродром, 19.595 денари (318 евра), Ѓорче Петров, 16.714 денари (271 евро ) и во Гази Баба, 15.799 денари (256,5 евра).
Од Катастарот појаснуваат дека високото учество во бројот на закупи на становите, кои во второто шестмесечје на 2025 година изнесуваат 2.156 закупи со вкупно остварена цена во висина 553,100 евра, што претставува пораст во споредба со приближно 1.865 закупи и вкупно остварена цена во висина 465.700 евра во 2024 година.
Податоците на Катастарот покажуваат дека значителен раст забележан е и кај категоријата деловни простории, каде бројот на закупи во 2025 година е 1.651 и вкупна цена од 1.182.700 евра, додека во 2024 година тој број изнесувал 1.444 закупи и вкупна цена од 938,700 евра.
Овој раст, според Катастарот, може да се поврзе со зголемена економска активност, повеќе компании започнуваат или го прошируваат своето работење, и доверба на бизнисите во економските услови и пазарот.
Од другите закупи во втората половина од 2025 година се издвојуваат куќите кои учествуваат со 13% или со 699 закупи, земјоделското земјиште и шумите со 10% или 515 закупи, градежното земјиште со 1% или 66 закупи, индустриските објекти со 2% или 95 закупи, гаражите со 0,5% или 25 закупи, а останатите недвижности со 1% или 30 закупи од вкупниот пазар на закупи на недвижности.
Кај категоријата куќи, има благ пораст на побарувачата на закупување. Бројот на закупи во 2025 година е 699 и вкупно остварена цена од 184.800 евра, а во 2024 изнесувал околу 684 закупи со вкупна цена од 165.600 евра.
Раст е забележан и кај категоријата земјоделско земјиште и шуми, каде бројот на закупи е зголемен од 384 во 2024 година на 515 закупи во 2025 година.
Кај индустријата, бројот на закупи останува релативно стабилен, со благ пад во 2025 година или вкупно 95, додека во 2024 година тој број изнесувал 99.
Според АКН, во категориите градежно земјиште, останати недвижнини и гаражи, бројките покажуваат умереност, што укажува на широката употреба на овие типови недвижности, иако нивното вкупно учество е значително пониско во споредба со главните категории.