ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ТРЕБА ДА СЕ КОНТРОЛИРА КАКО НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА Светските лидери дебатираа за ризиците и можностите на ВИ на глобален самит во Индија

Одлуките донесени од сегашните лидери ќе го обликуваат светот воден од вештачка интелигенција што ќе го наследат идните генерации – се вели во нацрт-декларацијата за која се дебатира на самитот во Њу Делхи.

134

Глобалните лидери од светот на политиката и технологијата денеска ги истакнаа ризиците и придобивките што ги носи вештачката интелигенција (ВИ) на самитот „Влијание на вештачката интелигенција“ (AI Impact) во Њу Делхи.

Извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман, повторно повика на формирање глобално регулаторно тело за ВИ по моделот на Меѓународната агенција за атомска енергија, додека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, побара поголема поддршка за земјите во развој во областа на идните технологии и формирање на глобален фонд за ВИ, пренесе ДПА.






Индискиот премиер и францускиот претседател Емануел Макрон беа другите клучни говорници на првиот самит за ВИ во Глобалниот Југ, барајќи технологијата да биде достапна за сите.

На четвртиот ден од самитот се расправаше и за заедничка декларација за поголема меѓународна соработка во областа на ВИ, при што во нацрт-текстот се наведува дека одлуките донесени од сегашните лидери ќе го обликуваат светот воден од вештачка интелигенција што ќе го наследат идните генерации.

Алтман, чија компанија го разви ChatGPT, беше меѓу неколкуте врвни технолошки шефови кои присуствуваа. Во својот говор тој рече дека е очигледно оти итно се потребни правила и безбедносни мерки. Во последните месеци, предупредувањата за потенцијално деструктивната моќ на ВИ станаа погласни, во услови на стравувања дека технологијата наскоро би можела да достигне еден вид суперинтелигенција.

– Можеби сме само неколку години подалеку од раните верзии на таквата интелигенција. Ако сме во право, до крајот на 2028 година повеќе од светскиот интелектуален капацитет би можел да се наоѓа во центри за податоци отколку надвор од нив – рече Алтман.

Тој додаде дека ова треба да се сфати сериозно, појаснувајќи дека ВИ фундаментално ќе го промени пазарот на труд. Тој повика на демократизација на вештачката интелигенција, која ја нарече „единствениот фер и безбеден пат напред“.

Алтман укажа на дополнителни опасности и неизвесности во врска со ВИ, вклучувајќи ја нејзината достапност за диктатори или нејзината злоупотреба како биолошко оружје преку создавање на сосема нови патогени или нови типови на војување.

Во меѓувреме, Гутереш изјави дека неговата цел за глобалниот фонд за ВИ е три милијарди долари, што според него е помалку од еден процент од годишниот промет на технолошките компании. Тој изрази надеж дека парите би можеле да се искористат за градење основни капацитети во економски загрозените земји, вклучувајќи општи вештини, податоци и пристапна компјутерска моќ.

Сличен тон со надеж дојде и од шефот на „Alphabet“, Сундар Пичаи, кој рече дека ВИ може да го подобри животот на милијарди луѓе и да реши некои од најтешките прашања во науката. Тој ги истакна потрагата по вакцини и борбата против отпорноста на антибиотици како два потенцијални случаи на употреба.

Поврзани содржини