ПОЛСКИ БИСКУП НА СУД ПОРАДИ ПРИКРИВАЊЕ ПЕДОФИЛИ Знаел, но не пријавил свештеници кои злоставувале деца
Случаите на сексуална злоупотреба во која се вклучени свештеници придонесоа за сè поголем пад на довербата во Католичката црква во Полска.
Полскиот католички бискуп Анджеј Јез се појави на суд денеска за да се соочи со обвиненијата дека прикривал пријави за сексуална злоупотреба на деца од страна на свештеници во неговата епархија. Тој е највисоко рангираниот црковен лидер во земјата на кој му се суди за такво кривично дело, објави Ројтерс.
Во 2024 година во Полска, еден бискуп и еден надбискуп поднесоа оставка поради нивната небрежност во справувањето со случаите на сексуална злоупотреба.
Бискупот Анджеј Јез се изјасни за невин во Окружниот суд во Тарнов, јужна Полска. Тој е обвинет дека не пријавил навремено во полиција сексуална злоупотреба на жртви под 15 години од страна на двајца свештеници, објави државната новинска агенција PAP.
Пред судењето Лилиана Купај, која тврди дека била сексуално злоставувана од свештеник од Тарновската епархија кога имала осум години, низ солзи изјави дека судењето е „првиот чин на правда што го доживеала“.
Јез ги негираше обвиненијата, велејќи дека ги пријавил двата случаи во полиција.
– Жалам и им се извинувам на сите оние кои беа повредени и на другите кои страдаа поради тоа. Педофилијата воопшто, а особено во Црквата, е за осуда и мора да се бориме против неа со сета наша решителност – изјави бискупот Јез пред судот.
Доколку биде осуден, Јез се соочува со затворска казна до три години.
Случаите на сексуална злоупотреба во која се вклучени свештеници придонесоа за сè поголем пад на довербата во Црквата. Според анкетитие, во 2025 бројот на Полјаци кои рекле дека ѝ веруваат на Католичката црква бил 35 проценти, во споредба со 58 проценти во 2016 година.