ВУЧИЌ ПРИФАЌА СРБИЈА ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕУ БЕЗ ПРАВО НА ВЕТО Слична изјава дал и Еди Рама
Најважни приоритети за земјата се заедничкиот европски пазар и слободното движење на стоки, луѓе и капитал – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека Србија е подготвена да се откаже од правото на вето доколку тоа овозможи побрз влез во Европската унија, објави германскиот дневник Франкфуртер алејмајне цајтунг (FAZ).
– За Србија е прифатливо членство без право на вето – изјавил Вучиќ за весникот, нагласувајќи дека најважни приоритети за земјата се заедничкиот европски пазар и слободното движење на стоки, луѓе и капитал.
Според FAZ, ваков став претходно изразил и албанскиот премиер Еди Рама, кој во јануари изјавил дека е подготвен да потпише договор со кој неговата земја би се откажала од правото на вето, со цел да стане членка на Европската унија.
„Воведете нè во Европа и подготвен сум да потпишам договор во кој јасно се утврдува дека не сакаме право на вето“, изјавил Рама.
Германскиот весник наведува дека ваквиот модел е контроверзен и предизвикува дебата меѓу европските политичари и експерти, бидејќи би можел да доведе до создавање на членки со различен степен на влијание во Унијата.
Во исто време, други земји кандидати, како Црна Гора, јавно ја отфрлаат можноста за членство без право на вето.
Прашањето за правото на вето е едно од клучните во дебатата за идното проширување на Европската унија, бидејќи некои европски лидери сметаат дека тоа право често ја ограничува способноста на Унијата да носи одлуки.