САМО ПЛАНОТ НА ТРАМП МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ МИР ВО УКРАИНА Министерот Мисајловски за безбедносните прашања во светот и кај нас
Имавме интересна средба со Зеленски, премиерот и ние како делегација, се отворија многу теми. Поддршката што ја даваме не е мала, како сега, така и во минатото – рече министерот за одбрана Владо Мисајловски во гостеување на ТВ Сител.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски ја поздрави иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за мир во Украина, истакнувајќи дека конфликтот веќе четири години одзема животи и дека секоја можност за негово решавање е добредојдена.
– Ние го поздравуваме ова што го прави американската администрација и претседателот Доналд Трамп, затоа што само со оваа иницијатива може да се стигне до мир, бидејќи веќе четири години гледаме како во Украина за жал гинат луѓе – рече Мисајловски во гостување во Топ Тема на Сител телевизија.
Тој истакна дека на маргините на Минхенската безбедносна конференција имал интересна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што биле отворени повеќе прашања за поддршка и помош.
– Имавме интересна средба, премиерот и ние како делегација, се отворија многу теми. Поддршката што ја даваме не е мала, како сега, така и во минатото. Гледаме што се случува на бојното поле, кои се следните чекори и што очекуваат властите во Украина. Секој ден има многу ракетни напади, особено врз Киев и други градови, снемува струја, гинат луѓе. Секоја членка на НАТО си го поставува прашањето како може да помогне. Ние веќе сме помогнале многу, но дополнително треба да обновиме тоа што претходно е дадено, и да бидеме лојален партнер и стратешки пријател – појасни Мисајловски.
Мисајловски додаде дека Македонија има стратешки пријатели во рамки на НАТО, но и надвор од Алијансата.
– Она што е важно во овој период е што Македонија има стратешки пријатели и стабилна, безбедна ситуација, што е многу важно за целосната безбедносна слика – потенцираше министерот.
Според него, процесот на проширување на Европскат Унија премногу трае, а некои земји час поскоро треба да влезат.
– Ова со години се кажува, прозорец на можности постои, но постојано се вели дека нешто дополнително треба да направиме. Но, премиерот постојано истакнува што е направено овие 30 години за ние уште да бидеме во чекалната – рече во своето гостување во Топ Тема на Сител министерот Мисајловски.
Една од главните теми во ЕУ е безбедносната политика, и тука се спојуваат интеграциите и безбедносната политика, рече Мисајловски.
– Ние како министерство и јас како министер постојано го отворам ова прашање бидејќи тука се спојуваат евронитеграциите со заедничката безбедносна политика, бидејќи усогласени сме со таа безбедносна политика – рече министерот.
Тој ја оцени безбедносна состојба во Македонија како добра, иако, рече, имаме некои хибридни закани.
– Имаме добра безбедносна состојба во Македонија. Гледајќи го опсегот на нашите соседи, исто така и од нив добиваме извештаи, анализи, но треба да внимаваме со некои прокси елементи нешто што се случува во соседни земји, различни келии што го работиме и нашите служби одлично ја вршат таа работа, изјави Мисајловски.
Сепак, додаде министерот, постојат хибридни закани, но имаме помош од нашите стратешки партнери во оваа борба од надворешни закани.
– Има доста хибридни закани, во делот на неконвеционални закани во делот каде што може со економска, политичка моќ да загрозат некои институции, но можам да се заблагодарам на нашите стратешки партнери што дирекно ни помагаат во оваа борба со надворешни закани, и ова прашање ќе биде актуелно во наредните десетици години вклучително заедно со вештачката интелигенција – истакна Мисајловски.