ДОЛГОТРАЈНИТЕ СУДЕЊА СЕ САМО ЗА ПОГРЕБУВАЊЕ НА ВИСТИНАТА Имаме болна историја на мега-процеси без праведен исход, тоа не смее да се случи и со „Пулс“   

Обемноста, брзањето и желбата да се одговори на притисокот на јавноста, од страна на претходното водство на Јавното обвинителство, создадоа предмет кој ги исполнува сите услови да трае вечно и да заглави во процедурални грешки и во обемност. Сега е моментот ЈО да го прочисти обвинението, да го фокусира на директните виновници и да овозможи правда која ќе е видлива и ќе ги задоволи сите оштетени во трагедијата во Кочани.

320

Македонската правосудна пракса со децении е оптоварена од една перверзна парадигма, според која правдата не се мери според нејзината прецизност, правичност и економичност, туку според тежината на хартиените досиеја. Колку повеќе „папири“, толку предметот изгледа „посериозен“. Тоа е заблудата која често се шири и во јавнпоста.

Но, за вистинските познавачи на правото, кога еден предмет во јавниот дискурс се етикетира како „обемно досие“, или како „комплексен материјал“, тоа веќе одамна не е доказ за темелност на истрагата. Напротив, во нашата невесела реалност, тоа е кодирана порака дека влегуваме во зоната на „правниот гигантизам“.






Понекогаш тоа се прави и ненамерно, понекпогаш под притсок на јавноста, а по ненекогаш и смислено, за да се конструира случај кој никогаш нема да заврши со квалитетна и уверлива пресуда. Во таквите случаи, формата ја голта суштината, а процедуралната исцрпеност станува најмоќното оружје за божемикте „гонители“ на правдата.

И така, додека јавноста со право очекува брзи и недвосмислени одговори за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се наѕира истата опасна парадигма, која веќе создаде историја на незавршени правни приказни.

Свесно компликување на едноставни вистини

Пописот на македонските судски фијаска, всушност, во многу случаи е хроника на свесно компликување на едноставни вистини.

Да се потсетиме, на пример, на случајот „Маџар Телеком“, еден од најсрамните симболи на нашата системска инертност. Овој случај во САД беше решен со хируршка ефикасност и со милионски казни. А што се случи кај нас? Без да имлицираме било чија вина или невиност, ќе кажеме само дека кај нас, во Макледонија, слулајот се претвори во лингвистичка и во бирократска агонија. Со децении се дебатираше за преводи на докази и се чекаа меѓународни правни помоши, додека клучните актери мирно уживаа во својата слобода. Тоа беше првиот голем доказ дека кога еден предмет е „премногу голем“, тој станува несовладлив за правото.

И случајот „Пулс“, иако различен и по времето и по околностите,  веќе покажува симптоми на истата болест, на која укажавме во досегашните написи. Упорното и прекумерно инсистирањето на барање на вината во луѓе обвинети поради административни процедури неповрзани со конкретниот кривично-правен настан, дури и на луѓе кои немале ни формални ни суштински надлежности кои бни ги довеле во релација со „дискотеката на смртта“, едноставно, го одвлекува вниманието од најважните прашања: кој направил објект без безбедносни протоколи, како тој станал смртоносна стапица и како се случила трагедијата?

Дури и сведоци на Обвинителството, од кои се очлекува да го поткрепат обвинението, луѓе кои не се експерти во правната област, сведочејќи искрено и директно, за она што го искусиле и и виделе во кочанскотио инферно, многу поточно и попрецизно го фокусираат прашањето на одговорноста одошто е тоа направено во ибвинителниот акт.

СЈО правеше масовни предмети, со многу шум и со нула правда

Но, да се вратиме на нашата хроника на мега-процеси. Ништо помалку поучен не е ниту случајот „Таргет-Тврдина“, кој требаше да биде темелот на новата правна држава, цреша на тортата што ја замеси Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева. И во овој случај видовме како еден мега-предмет може да стане заложник на сопствената волуминозност. Илјадниците страници транскрипти и докази не беа гаранција дека ќе се истера правдата. Напротив, обвинетите пред апелационите судови ловеа и процедурални промашувања и груби материјални грешки во судењата, додека не истекоа сите законски рокови.

СЈО во тој случај се определи за класична стратегија на „правно давење“: се создава толкав шум во процесот и во јавноста, што вистината станува нечујна, а жртвите се принудени на премолчено прифаќање на неправдата. Таквата пракса беше модел на работа на СЈО: обемни предмети, стотици сведоци, насилно обвинителство, а правда – нула, за никого.

Да не заборавиме: предметот „Таргет – Тврдина“ заврши со пресуди. Но, ние и денес немаме уверлива и верификувана приказна за прислушувањето. Ако некој утре реши да пишува историска приказна за тоа, ниту во пресудата ниту во записниците и во сите други списи поврзани со тој предмет, нема да најде убедливи одговори кој прислушувал незаконски, колкав бил обемот на прислушувањето, кој давал наредби за тоа и слично.

Кога бирократијата ќе се впрегне против правдата

Трагедијата кај Ласкарци, пак, ја разоткри најопасната алатка во арсеналот на одложувањето: „супервештачењето“. Годините поминати во чекање на бирократски потписи од различни институти не беа во функција на вистината, туку во функција на времето кое требаше да ја отапи острицата на јавниот гнев.

Ова е можеби најстрашната паралела со случајот „Пулс“. Кога техничките детали за конструкцијата на објектот или материјалите ќе почнат да се вештачат и „супервештачат“ со години, фокусот од директната одговорност на сопствениците полека испарува. Наместо да се суди за изгубени животи, се суди за административни постапки и хемиски состави на материјали, што е само еден од начините како да не се дојде до правдата.

Ненаучени лекции: „Експорт-импорт“, „Армиско оружје“, „Змоско око“…

Ако се навратиме на предметите како „Експорт-Импорт“, „Армиско оружје“ и озлогласеното „Змиско око“, ќе ја видиме истата матрица на преамбициозност, која законито води кон дебакл. Овие процеси страдаа од обидот да се обвинат цели структури одеднаш, што создаде логистички хаос кој ниеден македонски суд не можеше да го менаџира.

Во „Змиско око“, на пример, масовните апсења создадоа привид на правда, но судскиот епилог беше поразителен токму поради неможноста индивидуално да се прецизира одговорноста во толку гломазен систем. Сега, постои оправдан страв дека истрагата за „Пулс“, наместо хирушки прецизно да ги лоцира виновниците, ќе се обиде да ја расплине вината помеѓу десетици споредни фактори, со што ќе го отвори патот кон долговечност во траењето на постапката.

Случајот „Пулс“ е на крстосница

Анализата која ја правиме во сите наши досегашните написи, уверени дека аргументите ќе допрат до сите засегнати страни, јасно укажува на тоа дека процесот „Пулс“ е на критична крстосница. Веќе се забележуваат обиди за наметнување наратив дека еден ваков масовен и маратонски судски случај е неопходен од причини кои немаат врска ни со правдата ни со болката на семејствата на жртвите.

Обемноста, брзањето и желбата да се одговори на притисокот на јавноста, од страна на претходното водство на Јавното обвинителстов, создадоа предмет кој ги исполнува сите услови да трае вечно и да заглави во процедурални грешки и во обемност. Затоа новото раководство во Јавното обвинителство, после промената на Љупчо Коцевски, Гаврил Бубевски и на други обвинители, ќе се најде пред тешка дилема – дали да остави овој предмет да доживее судбината на „вечните предмети“, или ќе го прочисти и во обем и во широчина, ќе го фокусира на директните виновници и ќе овозможи правда која ќе е видлива и ќе ги задоволи сите оштетени во страшниот случај во дискотеката „Пулс“.

Македонија нема трпение за уште еден судски стечај

Кога еден систем ќе се навикне на неуспеси како „Маџар Телеком“ или „Ласкарци“, тој развива имунитет на срамот. Но, јавноста повеќе нема трпение за „монструм-процеси“ кои завршуваат со застарување. За семејствата кои го загубија најмилото, секоја нова процедурална грешка и секое ново одложување е втора трагедија, можеби и поболна од првата, бидејќи доаѓа од институциите кои се платени да ја истераат правдата. А правдата која се чека со години престанува да биде правда и станува само уште една форма на системско насилство.

Случајот „Пулс“ не смее да стане следната архива на заборавот. Тој мора да биде преседан кој ќе докаже дека е можно да се дојде до пресуда без да се чека една цела деценија и без да се затрупува јавноста со небитни детали. Македонија веќе нема капацитет да издржи уште еден таков судски стечај.

Време е јавното обвинителство да престане да биде нем набљудувач на сопствената немоќ и да почне да испорачува резултати. Во спротивно, ако овој предмет ја следи патеката на своите претходници, тоа ќе биде дефинитивниот доказ дека во оваа држава законите важат за сите, освен за оние кои имаат доволно моќ да ги направат своите предмети „премногу обемни“ за да бидат судени.

Законите се јасни. Процедурите се запишани. Времетраењето на процесот „Пулс“ – во ваков формат, со толку обвинети и со толкава широчина – може да се пресмета. Искусните правници знаат дека таа пресметка е обсехрабрувачка, дека зборуваме за години и дека таков процес не е во интерес ни на правосудните институции, а најмалку на семејствата на загинатите.

На потег е Јавното обвинителство.

Поврзани содржини