УКРАЛ 2 КИЛОМЕТРИ БАКАРНИ КАБЛИ ВРЕДНИ 200.000 ЕВРА Обезбедувач осомничен за кражба на инфраструктура од подземен булевар
Бакарни кабли во должина од два километри биле одземени од градилиште за подземен булевар во Центар, а осомничениот работел како обезбедување на објектот.
Шеесет и осумгодишен скопјанец, кој работел како обезбедување на градилиште за подземен булевар во Центар, е уапсен под сомнение дека во период од еден месец украл околу два километри бакарни кабли вредни приближно 200.000 евра.
Кражбата била пријавена на 10 февруари во 16:15 часот во СВР Скопје, откако било утврдено дека од објектот во изградба исчезнале каблите што биле дел од инфраструктурата на идниот булевар.
По преземени мерки и активности, полицијата го лишила од слобода Т.М. (68) од Скопје, за кого постојат основи на сомнение дека го сторил кривичното дело „кражба“. Според информациите, осомничениот бил ангажиран како обезбедување токму на објектот од кој биле одземени каблите.
Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Скопје, а истрагата продолжува со цел целосно расчистување на случајот. По негово документирање, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.