МАСАКАР ВО УЧИЛИШТЕ ВО КАНАДА, 10 МРТВИ, 27 РАНЕТИ Првичната информација е дека пукала жена
Полицијата во градот Тамблер Риџ, Британска Колумбија, пронајде 6 мртви лица во училиштето, додека седмиот починал на пат кон болницата. Две лица се пронајдени без знаци на живот во куќа во близина на училиштето.
Во вооружен напад во средното училиште во градот Тамблер Риџ, во Британска Колумбија, Канада, убиени се 10 лица, вклучувајќи го и напаѓачот, објавија властите.
Пукањето се случило околу 13:20 часот по локално време.
Полицијата пронајде 6 мртви лица во училиштето, додека седмиот починал на пат кон болницата. Две лица се пронајдени без знаци на живот во куќа во близина на училиштето. Полицијата верува дека двата смртни случаи во куќата се поврзани со инцидентот во училиштето.
Напаѓачот, исто така, е пронајден мртов, а полицијата објави дека смртоносните повреди самиот си ги нанел.
Шефот на полицијата Кен Флојд изјави дека 25 лица се здобиле со полесни повреди, а две со сериозни повреди.
Во безбедносното предупредување испратено за време на нападот, осомничениот е идентификуван како „женско лице во фустан, со кафена коса“.
Официјалните лица велат дека го знаат идентитетот на напаѓачот, но досега не го објавиле името или полот.
Полицијата сè уште не го идентификувала видот на оружјето што е употребено во нападот, ниту возраста на жртвите.
Премиерот на Британска Колумбија, Дејвид Аби, на прес-конференција изјави дека полицијата пристигнала на местото на нападот 2 минути по повикот, со што спречила оваа ужасна трагедија да стане уште полоша.
Во училишниот комплекс се наоѓаат основно и средно училиште, од кои се евакуирани околу 1.000 ученици и наставници.
Градот Тамблер Риџ, со околу 2.400 жители, е оддалечен околу 1.200 км од Ванкувер и е близу до границата со Алберта.