ОПАЃА БРОЈОТ НА РУДАРИ ВО МАКЕДОНИЈА ДОДЕКА СВЕТОТ ТРАГА ПО НОВИ НАОЃАЛИШТА Голем континуиран пад на домашното рударство

Домашното рударство и понатаму не бележи позитивни индикатори, а нов сериозен рудник во Македонија се нема отворено во изминатите 40 години.

104

Македонското рударство продолжува во надолна линија. Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство расте, но истовремено единствено рударската гранка бележи огромен пад. Минусот во пресекот направен во ноември изнесуваше 4,7%, а во јануари достигнува скоро 7%.

„Индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во декември 2025 година, во однос на декември 2024 година, бележи опаѓање од 6,6 %“, информираат од Заводот.






Паралелно се намалува и бројот на рудари, за над пет проценти во само една година. Податоците покажуваат дека бројот на работниците во индустријата е намален за 2,9 % во ноември 2025 во однос на ноември 2024 година.

„Бројот на работниците во ноември 2025 година, во однос на ноември 2024 година, во секторот Рударство и вадење на камен се намалил за 5,2 %“, соопшти Заводот за статистика.

Во краткото сиже за постигнувањата во минатата година, од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини единствено нагласија дека започнале процес на усвојување на нови закони за рударство и за геологија. Ресорната министерка Сања Божиновска имаше истакнато и дека Министерството бележи раст во наплатата од носителите на постоечките концесии за експлоатација, но и дека потпишува меморандуми за соработка со образовните институции за идни проекти и за едукација на стручен кадар.

– Рударството не смее да се води импровизирано. Одлуките мора да се темелат на наука, експертиза и податоци. Соработката со Технолошко-металуршкиот факултет ни овозможува директна врска меѓу институциите и знаењето што се создава во академската заедница – знаење што е неопходно за одговорно управување со минералните суровини и за долгорочен развој на секторот – истакна министерката Божиновска по договорената соработка со УКИМ.

Сепак, домашното рударство и понатаму не бележи позитивни индикатори, а нов сериозен рудник во Македонија се нема отворено во изминатите 40 години. Сѐ уште стагнира постапката за усвојувањето на законите за геологија и за рударство, но и на Стратегијата за минерални суровини до 2040 година. Во образложението на законите беше потенцирано дека целта е усогласување со европските директиви и стандарди, но додека продолжува статус-квото, Европската Унија го заокружи и вториот повик за финансирање на нови рудници. Со назнака дека се стратешки проекти Брисел на брза лента ќе одобрува нови експлоатации на критични минерали, целејќи да ја намали зависноста од трети страни, особено од Кина и од Русија. Меѓу рудите по кои трага ЕУ, а со кои Македонија изобилува, е и бакарот.

„Бакарот се користи во сите електрични и електронски апликации, вклучувајќи технологии за обновлива енергија, дистрибутивни мрежи, електрични возила, електронски уреди, авиони и одбранбени технологии. ЕУ е зависна од снабдувањето со бакар од трети земји, особено во фазата на екстракција. Се предвидува дека побарувачката на ЕУ за бакар ќе се зголеми за повеќе од 50% до 2050 година, поттикната од технологиите за обновлива енергија, електричните возила и индустриските проекти“, се наведува во повикот на ЕУ.

Големата побарувачка за бакар на светско ниво беше причина овој метал да достигне рекордна цена од 14 илјади долари за тон на Лондонската берза на метали. Повеќе инвестиции за ископ на бакар во Македонија во минатото не беа реализирани и државата од новата светска трка по критични метали не успева да профитира.

Поврзани содржини