ОТСТРАНЕТИ ШЕСТ ГРАНАТИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА Од гевгелиско пренесени се на полигонот Криволак
Со навремената реакција избегната е потенцијална опасност по безбедноста на граѓаните и работниците ангажирани на терен, велат од ДЗС.
Екипа на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) излезе на терен на трасата на која се изведуваат работи за изградба на гасовод во околината на Гевгелија и безбедно отстрани шест артилериски гранати во калибар од 75 милиметри.
Како што информира ДЗС, интервенцијата беше извршена од страна на пиротехничар од ДЗС – Зоран Пеeв од Штип, по пријава на граѓанин.
– Станува збор за гранати од периодот на Првата светска војна, заостанати од Солунскиот фронт. Пронајдените експлозивни направи беа транспортирани на безбедна локација и пренесени на полигонот Криволак, каде што ќе бидат уништени согласно пропишаните безбедносни процедури, соопшти ДЗС.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека со навремената пријава и брзата реакција е избегната потенцијална опасност по безбедноста на граѓаните и работниците ангажирани на терен.