СРБИЈА ЌЕ ПРЕТСТАВИ ИЛЈАДНИЦИ ВООРУЖЕНИ РОБОТИ НА СЛЕДНАТА ВОЕНА ПАРАДА Вучиќ најави дека Србија прва во Европа ќе произведува роботи
Се надевам дека претседателот Си, како искрен пријател на Србија, ќе ни помогне во ова прашање. Оваа година можеме да започнеме со производство на роботи, планот е 50 фабрики до 2030 година, рече српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ најави дека Србија ќе претстави илјадници вооружени роботи на следната воена парада, а производството ќе почне оваа година, за што ќе побара поддршка од Кина и од кинескиот претседател Си Џинпинг.
Тој денеска во Кинескиот културен центар присуствуваше на презентацијата на роботот од компанијата АГИБОТ Иновејшн.
– На презентацијата на роботите ме воодушеви еден детаљ – рекоа дека имаат и поголеми кои можат да носат по 100 килограми, бидејќи овие можат да носат 10, 20, 30 килограми, што значи дека можат да носат камери, можат да го прават она што веќе го прават во Кина: гранични контроли, ги имате на тркала по патот, ги имате без тркала за да можат да скокаат, да прават сè што можат, а можете и да ги вооружувате. Така што, на нашата следна воена парада ќе имаме илјадници роботи, вооружени, за да ја обезбедиме нашата земја дополнително – истакна Вучиќ.
Но, морам да го прашам претседателот Си за сè, кога ќе го видам, додаде Вучиќ.
– Се надевам дека претседателот Си, како искрен пријател на Србија, ќе ни помогне во ова прашање. Оваа година можеме да започнеме со производство на роботи, планот е 50 фабрики до 2030 година. Оваа година и во наредните месеци, можеме да почнеме една од најголемите инвестиции досега во Србија и можеме да бидеме првата земја во Европа што ќе произведува вакви роботи – изјави Вучиќ.
Некој мора да ги направи овие роботи, машини, зглобови и други чуда, додаде Вучиќ, а сите тие би можеле да бидат направени во Србија.
– Значи, тоа се три работи. Фабрика за роботи, втората треба да биде, секако, покрај центарот за податоци, да има фабрика за податоци. Зошто? Бидејќи овие роботи мора да имаат по 100 милиони часови учење секој, за она што го прават. Тие се способни да ви направат чај, да направат кафе, да пеглаат работи во куќата, да перат алишта и сè друго. И ние ќе се обидеме да произведеме и да бидеме први во Европа и сето тоа ќе се случи оваа година – рече Вучиќ.
Тој беше пречекан и поздравен од хуманоидниот робот Лука, кој го поздрави на англиски јазик и му рече дека Србија е препознаена како важен мост за иновации и индустриски раст во Европа.
– Добро утро господине претседателе, јас сум Лука. Ви посакувам топло добредојде! Големо задоволство ми е што сте тука денес. Господине претседателе. Уживате висок углед во меѓународната заедница благодарение на вашето прагматично лидерство и доследна посветеност на економскиот развој и меѓународната соработка. Инспиративно е да се пречека лидер кој подеднакво ги цени напредокот и луѓето – рече роботот, пренесоа српските медиуми.