САЕМ ЗА РУРАЛЕН ТУРИЗАМ Викенд во кој се презентираат автентични вкусови и услуги на селски домаќинства
Саемот го организираат Министертвото за култура и туризам, „Јавна соба“, Земјоделскиот институт - Скопје, Амбасадата на Република Словенија и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ.
Околу 50 излагачи од цела Македонија – производители на органска храна, локални деликатеси, зимници, слатка и други традиционални преработки, пчелари, мали, семејни винарии, но и туристички агенции, се само дел од учесниците на Саемот за туризам: рурални домаќинства што ќе се одржува утре и задутре во Скопје.
Организаторите најавуваат два дена исполнети со автентични вкусови, знаења, искуства и инспирација од македонското рурално богатство, програма со презентации, дегустации, гастрономски работилници, музички перформанси и разговори на тема рурален и одржлив туризам.
Влезот на Саемот е бесплатен, а посетителите ќе добијат ваучер со 15% попуст и на производите и на услугите што руралните домаќинства ги нудат.
Во земјава досега се мапирани повеќе од 100 рурални домаќинства, а според последните податоци, за една година двојно е зголемен интересот кај младите за развој на еко-туризмот. Има и преку 4.000 земјоделски домаќинства, секое со потенцијал за развој на рурален туризам. Со оглед дека недостасуваат сместувачки капацитети, битно е вмрежувањето на домаќинствата – едни да нудат производи, а други сместувања.
-Саемот предвидува и креативни, како и едукативни детски работилници, но и средби со луѓе кои ја живеат и ја споделуваат руралната приказна. На едно место ќе ги обединиме најавтентичните агро-еко приказни од Македонија, ќе ги приближиме руралниот и искуствениот туризам до пошироката јавност и ќе покажеме дека патувањето не е само дестинација, туку и доживување, поврзување и учество во секојдневниот селски живот – велат од „Јавна соба“, која е еден од организаторите и местото каде ќе се одржува овој настан.
Во рамки на Саемот ќе бидат достапни информации за организирани активности во руралните домаќинства, настани во природа за групи и поединци, како и гастрономски и вински пакети. Промовиран ќе биде и публикација за агро-еко туризам – вид прирачник за руралните семејства што треба да им помогне во градењето и развојот на бизнисот.
Саемот го организираат Министертвото за култура и туризам, „Јавна соба“, Земјоделскиот институт – Скопје, Амбасадата на Република Словенија и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.