ОРМУТСКИОТ ТЕСНЕЦ Е НАЈСИЛНО ОРУЖЈЕ НА ИРАН ПРОТИВ САД Асиметрична војна со нафта може да ги погоди светските берзи

Дури и краткотрајни напади со морски мини, беспилотни летала или брзи чамци би можеле да ја нарушат пловидбата. Последиците би се почувствувале за часови, преку скок на цените на нафтата и на гасот, а потоа и преку инфлација и застој на синџирите на снабдување.

433

Затворањето, дури и делумно, на Ормутскиот теснец е сценариото што најмногу ги плаши Вашингтон, берзите и владите во светот при евентуален конфликт меѓу САД и Иран. Преку тој тесен морски грклан минува над петтина од светската нафта.

Ако Иран одлучи да удри таму, конфликтот веднаш би прераснал од регионален судир во глобална економска криза, анализира Си-Ен-Ен.






Речиси половина век Иран ја гради токму оваа стратегија. Свесен дека не може директно да се мери со американската воена моќ, Техеран се подготвува за асиметрична војна. Не со масовни фронтови, туку со притисок врз најранливата точка на светот, енергијата и трговијата.

Денес, додека американска ударна група со носач на авиони се приближува до регионот и додека Доналд Трамп отворено зборува за можен напад, токму Ормут повторно станува центар на глобалната нервоза.

Сценарио 1 – Економската војна како најсилно оружје

Ормутскиот теснец е географија што ја претвора локалната одлука во светски шок. Иран со години предупредува дека војна против него нема да остане ограничена на Блискиот Исток.

Дури и краткотрајни напади со морски мини, беспилотни летала или брзи чамци би можеле да ја нарушат пловидбата. Последиците би се почувствувале за часови, преку скок на цените на нафтата и на гасот, а потоа и преку инфлација и застој на синџирите на снабдување.

Енергетските аналитичари предупредуваат дека ова е најефикасната, но и најопасната опција за Техеран. Таа би ја погодила и сопствената економија, како и трговијата на арапските соседи, но би испратила јасна порака дека Иран може да ја вклучи светската економија во конфликтот.

Сценарио 2 – Ракети и дронови како втора линија

Паралелно со економскиот притисок, Иран располага со илјадници ракети и беспилотни летала. Тие покриваат американски бази во регионот и израелска територија. Преседанот од минатото лето, кога Техеран возврати со балистички ракети и дронови, покажа дека дел од системите можат да ја пробијат и најсложената противвоздушна одбрана.

Американските процени говорат дека меѓу 30.000 и 40.000 американски војници во регионот се во дострел. Техеран јавно порачува дека напад врз него би значел удари и врз сојузниците на САД, како што веќе се случи со базата Ал-Удеид во Катар.

Сценарио 3 – Војна преку сојузници

Иранската регионална мрежа е ослабена, но не и уништена. Либанскиот Хезболах, ирачките милиции и хутите во Јемен се заколнаа дека ќе го бранат Техеран. Нивната улога би била да го рашират конфликтот. Напади врз Израел, врз американски цели или врз трговски бродови би ја зголемиле цената на секоја воена операција против Иран.

Историјата како предупредување

Иран веќе покажал дека знае да ја користи морската географија како оружје. Во 1980-тите Иран поставуваше мини во Персискиот Залив. Во 2019 година беа нападнати танкери во Оманскиот Залив. Неодамна, преку воените бунтовници Хути во Јемен, беше нарушен сообраќајот во Баб ел Мандеб.

Сите овие примери ја хранат проценката дека идниот судир можеби нема да започне со експлозија во Техеран, туку со застој на танкерите во Ормут.

Поврзани содржини