ЗЛОУПОТРЕБЕН И ФОТОШОПИРАН ЛИКОТ НА АДВОКАТАТА ИВАНА КОЦЕВСКА НА МАРШОТ ЗА АНГЕЛИТЕ Таа побара заштита од сите надлежни институции
Правникот Мемети ја повика Адвокатската комора на Македонија итно и недвосмислено да преземе мерки за заштита на своите членови, затоа што, како што вели, адвокатската професија е најмалку заштитена во споредба со судската и обвинителската функција.
Во Кочани денеска се одржа Марш за ангелите на кој демонстрантите во првиот ред носеа транспарент со ликот на адвокатката Ивана Коцевска, која е бранител на прво и на третообвинетиот во процесот „Пулс“. Тоа предизвика коментари на социјалните мрежи, а со реакција се јави и адвокатката Коцевска.
„Во својство на бранител на дел од обвинетите во кривичниот предмет за трагичниот настан во Кочани, досега се воздржував од секакви напади во име на емпатичноста и сочувството со болката на родителите на починатите. Меѓутоа, откако јавно се изложи револт за мојата покрената кривична постапка за вандализмот што се случи на 17.03.2025 од одредени НН лица кои родителите ги оправдуваат, а согласно законот се подложни на одговорност, повеќе немам простор да се воздржувам. Имено, родителите си дозволија да организираат штрајк во кој мојот лик е злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма која не само мојот, туку го нарушува угледот на секој еден адвокат и за ова треба и апелирам да реагираат сите надлежни органи на Република Македонија во заштита на нашата професионална должност пред сѐ, а потоа и во насока на заштита на нашиот интегритет и достоинство како носители на правната заштита и владеење на правото“, се наведува во реакцијата на адвокатката Коцевска.
Правникот Арбен Мемети искоментира дека протестот во Кочани ја има изгубено својата цел и суштинската причина заради која воопшто беше инициран.
„На денешниот марш, од страна на демонстрантите беше јавно изложен портрет на адвокатката Ивана Коцевска, која во конкретниот кривично-правен предмет ‘Пулс’ настапува како бранител на прво и на третообвинетиот. Ваквиот чин претставува крајно недоличен, нискостепен и опасен напад врз угледот на адвокатската професија, врз Адвокатската комора, но и врз самите темелни начела на правната држава“, коментира Мемети.
Според него, станува збор за директен удар врз уставно и законски загарантираното право на одбрана.
„Денес мета е Ивана Коцевска – утре тоа може да биде кој било друг адвокат. Да не беше таа, ќе беше Петко или Станко. Проблемот, очигледно, не е личноста, туку самото постоење на бранител во постапката, што е апсурдно и правно недозволиво“, додава тој.
Мемети ја повика Адвокатската комора на Македонија итно и недвосмислено да преземе мерки за заштита на своите членови, затоа што, како што вели, адвокатската професија е најмалку заштитена во споредба со судската и обвинителската функција.
На протестот роднините на жртвите прашаа како е можно лице поврзано со трагедијата во „Пулс“, кое е дел од истрага или во јавноста се споменува како осомничено, слободно да оттуѓува имот без судска забрана и јасна контрола за потеклото на средствата.
Дел од родителите побараа ОЈО ГОКК да го каже рокот во кој ќе ја заврши истрагата.