ЏОРЏА МЕЛОНИ ОГОРЧЕНА ШТО ГАЗДАТА НА ШВАЈЦАРСКИОТ БАР Е ПУШТЕН СО КАУЦИЈА Ќе бара објаснување од властите
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изрази денеска огорченост поради тоа што по плаќањето кауција од затворот во Сион е пуштен Жак Морети, сопственикот на барот „Констеласион“ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, каде што избувна смртоносен пожар на новогодишната ноќ во кој загинаа 40, а 116 лица беа повредени.
Морети е ослободен откако платил кауција во износ од 200.000 швајцарски франци или околу 215.000 евра.
„Го сметам ова за навреда на сеќавањето на жртвите од трагедијата што се случи на новогодишната ноќ и за навреда на нивните семејства, кои се ожалостени во болката поради губењето на своите најблиски“, напиша Мелони на мрежата Икс.
Таа нагласи дека нејзината влада „ќе бара објаснување од швајцарските власти во врска со таа одлука“.