СОБРАНИЕТО ЌЕ ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА „СЕЈФ СИТИ“ Цела Македонија до крајот на годината ќе биде покриена со камери

По усвојувањето на измените на Законот за прекршоците системот „Сејф сити“ ќе профункционира во трите града каде што се инсталирани камерите за регистрирање на прекршоците, во Скопје, Куманово и во Тетово, како и на одредени делници од автопатиштата на Коридор 8 и на Коридор 10, каде што во изминатиов период камерите работеа пробно, а возачите добиваа опомени.

1,367

Собранието на Македонија денеска треба да ги донесе измените на Законот за прекршоците, последен од пакетот закони што се потребни за да почне да се применува системот Сејф сити, со кој возачите на мејл и преку СМС пораки ќе добиваат записници и казни за сторени прекршоци во сообраќајот.

За изгласување на овие законски измени е потребно двотретинско мнозинство од пратениците во Собранието. До скоро немаше согласност од 81 пратеник, затоа што опозициската ДУИ од политички причини не даваше согласност за усвојувањето, но, по лидерската средба што се одржа минатата недела на иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски, оваа партија се согласи да ги поддржи законските измени.






За овој закон, чија цел е да се подобри безбедноста во сообраќајот, според најавите, ќе гласаат сите пратенички групи – на владејачките ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, како и на опозициските Левица и ДУИ, освен на СДСМ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче завчера рече дека партијата нема да го поддржи законот затоа што тој парцијално ќе се имплементира и во него „не се регулирани сериозни аспекти, односно огромната база на податоци за којашто никој во законот не укажува како ќе се контролира“. Координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски вчера потврди дека денеска ниту еден пратеник на СДСМ нема да гласа за законските измени.

По усвојувањето на измените, системот „Сејф сити“ ќе профункционира во трите града каде што се инсталирани камерите за регистрирање на прекршоците, во Скопје, Куманово и во Тетово, како и на одредени делници од автопатиштата на Коридор 8 и на Коридор 10, каде што во изминатиов период камерите работеа пробно, а возачите добиваа опомени.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека во текот на оваа година системот ќе биде воведен на целата територија на државата.

– Во моментов системот „Безбеден град“ функционира на територијата на Скопје, Куманово и Тетово. Опремата е поставена веќе и на Коридорите 8 и 10 и во секој момент се очекува да започне детектирањето на сообраќајните прекршоци и таму. Во моментов сме во пробен период во кој граѓаните добиваат само опомена за сторениот сообраќаен прекршок. Системот веќе покажува континуирана тенденција на намалување на регистрираните прекршувања, што укажува на тоа дека граѓаните се прилагодуваат и дека предупредувањата имаат ефект врз подигнување на нивото на сообраќајна дисциплина. Превидено е од 1.02.2026 година системот целосно да функционира и да се почне со санкционирање на граѓаните кои направиле прекршок детектиран од камерите – велат од Министерството за внатрешни работи.

Поврзани содржини