ПО „ПАТЕКА ДО САМОСТОЈНОСТ“ СО ФОНДАЦИЈАТА „ЃОРЃИ МАРЈАНОВИЌ“ Нов концепт за поддршка на младите без родители

Штитениците на возраст од 10 до 17 години, преку труд и стекнување нови знаења, го заработуваат правото на сопственост на својата компјутерска опрема.

43

По успешната реализација на досегашните активности за техничко опремување на децата без родителска грижа, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ започнува нова етапа во своето дејствување. На денешната средба со новата директорка на ЈУДД „11 Октомври“, г-ѓа Павлина Трајановска, беше презентиран и прифатен новиот концепт на стратешка едукација насловен како „Патека до самостојност“ кој прави суштинска разлика во досегашниот начин на помагање на децата без родители.

Програмата воведува иновативен модел на „Одговорно сопствеништво“, каде штитениците на возраст од 10 до 17 години, преку труд и стекнување нови знаења, го заработуваат правото на сопственост на својата компјутерска опрема. Ако претходно децата добиваа опрема како чин на милосрдие, со новиот модел тие учат дека вредните работи во животот се заработуваат.






Клучниот инструмент во овој процес е „Пасошот на вештини Марјановиќ“. Овој документ е доказ за трудот на секое дете. Компјутерската опрема на почетокот се доделува само на користење, а за да стекнат целосна и трајна сопственост, децата мора успешно да ја завршат предвидената едукација. Секој научен модул носи „виза“ во нивниот пасош, а само целосно пополнетиот пасош значи дека детето го „заработило“ својот компјутер.

Едукацијата ќе ја изведува академијата Еверест преку пет столба: Windows и безбедно користење Интернет, Microsoft Office, англиски јазик, креативни дигитални вештини и кариерна обука за поставување и остварување цели во животот. Обуката ќе биде хибридна, односно комбинација од живи менторски средби во училницата на Еверест, онлајн настава во виртуелна училница и пристап кон библиотека на материјали за учење.

Проектот започнува да се реализира со поддршка на повеќе организации: компјутерите се донација на Datalab, за нивното сервисирање и техничка поддршка ќе се грижи Сетек, КАБТЕЛ обезбедува антивирусна заштита, ФИНКИ обезбедува инфраструктурна подршка за хостирање на платформата за учење на далечина, а МАСИТ и МАЧР се мостот кон бизнис заедницата. Проектот финансиски го помогнаа Barn i hjärtat Scania, амбасадорите на Фондацијата и неколку анонимни донатори.

„Сакаме да ги научиме децата дека се способни, вредни и дека со сопствен труд можат да постигнат сè. Овој компјутер не е подарок, тој е нивната прва професионална плата за успешно завршена обука,“ изјави Александар Марјановиќ, основач и извршен директор на Фондацијата и додаде „Сакаме овие млади луѓе да излезат од институционалната грижа со ‘Пасош на вештини’ кој ќе им помогне вработување.“

„Придобивката не е само во стекнувањето дигитални вештини, туку и во развојот на работни навики, самопочит и чувство на сопствена вредност“, изјави м-р Павлина Трајановска, ВД директор на детскиот дом „11 Октомври“. „За овие деца, чувството дека нешто им припаѓа затоа што го заслужиле е од непроценливо значење за нивната емоционална стабилност и мотивација. Програмата ја зајакнува нивната подготвеност за самостоен живот, ја намалува зависноста од институционална поддршка и создава основа за активна интеграција во општеството. Ваквите партнерски проекти се пример за тоа како соработка меѓу граѓанскиот сектор, образовните институции и бизнис заедницата може да создаде вистинска и трајна промена во животите на децата.“

Основањето на Фондацијата и особено овој проект влечат корени од личната историја на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, кој и самиот на многу рана возраст останал без својот татко. Оваа трагична животна приказна беше главната инспирација за формирање на Фондот за школување кој го носи неговото име, со една единствена цел: децата кои ја имаат истата судбина да добијат шанса за врвно образование и пристоен живот во Македонија.

Поврзани содржини