🎥 ПРАВОСЛАВНИТЕ ГО СЛАВАТ БОГОЈАВЛЕНИЕ, ОСВЕТЕНИ МАКЕДОНСКИТЕ ВОДИ Драган Митровиќ го фати крстот во Скопје, Мартин Гоџо во Охрид

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

163

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

И годинава продолжи вековната традиција на положување на крстот во водите на реката Вардар, во Охридското Езеро, како и во другите македонски реки, езера и водотеци.






Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар. Одбележувањето започна со богослужннба во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.

По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка се упатија кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде поглаварот г. г. Стефан го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар, пред неколку илјади насобрани веерници.

Дваесет и четири годишниот Дарко Митровиќ  од општина Центар го извади чесниот крст од водите на Вардар во рамки на централната манифестација за одбележување на празникот Водици во Скопје. Митровиќ  беше најсреќниот меѓу 160 пријавени за фаќање на крстот во Скопје.

Фото: Принтскрин

На чествувањето во Охрид, Мартин Гоџо од Варош го фати светиот крстот. Светиот крст во езерските водите беше положен во вода кај Градското пристаниште. Ова е втора година по ред како Гоџо го вади светиот крст, а третпат откако тој учествува во светиот чин.

Тој беше најсреќниот меѓу стотиците верници кои влегоа во Охридското езеро. Откако го извади крстот, групата пред Гоџо извекуваше „Варош, Варош“, пеејќи ја „Во Јордание“.

На свеченоста присуствуваа неколку илјади верници и туристи, а по крстот во осветените води на Охридското Езеро влегоа стотина верници. Оваа година за првпат водите на Охридското Езеро ги освети новиот митрополит-кичевски, владиката г. Георгиј. На свеченоста во Охрид присуствуваше и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

Фото: Фејсбук

Во Куманово 22-годишниот, Борис Стефановски, студент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, го извади чесниот крст од Соборниот храм „Свети Никола“. Голем број кумановци се обидоа да го извадат светиот крст во старата градска црква.

Бојан Ѓеоргиевски беше најсреќен и највешт и успеа од четириесетината момчиња кои се фрлија во студените води на река Брегалница во Штип, да го фати светиот крст.

Дваесет и четири годишниот Петар Чакарески го извади светиот крст од водите на реката Црн Дрим во Струга. Тој беше најсреќен меѓу стотиците верниции кои денеска влегоа во студените води во Струга.

Дваесет и тригодишниот Милко Божиновски од Ростуше го извади осветениот крст од водите на Радика, што беше положен од епископ Антаниски, г. Партениј, по повод денешниот голем христијански празник Богојавление – Водици.

Младиот тинејџер Христијан Бошевски (16) од Битола е најсреќното момче учесник на традиционалната манифестација, пронаоѓање на светиот крст во водите на црковниот базен во Храмот „Свети Велиомаченик Димитриј“ во Битола.

Меѓу дваесеттината учесници, Бошевски успеа прв да скокне во базенот и да го пронајде спуштениот свет крст, чин организиран од свештенослужители на преспанско-пелагониската епрахија.

Во водите на реката Брегалница во Берово, пред многубројни верници и учесници, најсреќен беше Благој Дујовски, кој прв стигна до светиот крст – симбол на благослов, надеж и духовна сила.

Средношколецот Кристијан Митрев го фати денеска светиот крст положен во реката Луда Мара и посака здравје за сите.

Во изјава за медиумите, 18-годишниот кавадарчанец кажа дека долги години имал желба, а годинава имал прв обид и среќа на Водици.

Наум Додевски е среќникот кој го извлече светиот крст положен во водите на Крива Река,  од педесетината кои скокнаа по крстот, меѓу кои и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Јордан Ангелески, 17 годишник, ученик во прилепската гимназија е најсреќниот годинава кој го фати светиот крст од осветените води во базенот во прилепскиот хотел „Салида“ на централната манифестација за Богојавление -Водици во Прилеп.

На Ангелески ова му е прво учество и токму на именденот.

Анџело Илиевски го фати светиот крст во водите на реката Бошава во Демир Капија, каде бројни верници го прославија празникот Богојавление.

„Нека оваа чест му донесе здравје, духовен мир, мудрост, радост и успех, а благословот од денешниот ден да го следи во текот на целата година“, му посакаа од Општина Демир Капија.

Средношколецот Матеј Стојановски од село Младо Нагоричане го извади крстот од водите на реката Пчиња во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане. По крстот скокаа триесетина верници од општината.

Марио Димитријевски денеска го извади крстот од водите на езерото кај хотелот „Белви“, каде традиционално се одржа манифестацијата за осветување и положување на светиот крст. Во фаќањето на светиот крст учествуваа вкупно 70 учесници.

Водици, крај на тнр. некрстени денови

Со овој празник симболично завршува периодот на т.н. „некрстени денови. Во моментот на крштевањето, според библиското предание, се појавува гулаб, симбол на Светиот Дух, што се толкува како богојавување, односно објавување на божествената суштина. Осветување на водата е централниот ритуал кој се изведува и денес, исто како и во минатото.

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Верниците носат осветена вода во своите домови, ја чуваат преку целата година и ја користат за здравје и благосостојба. Со водата се прска куќата, дворот, нивите, лозјата, а се користи и при важни семејни настани. Се прска и новата снаа при влегување во куќата, за да има среќа и хармонија во домот.

Водата се користела и за лекување на болни, а дел од домаќинствата ја користат и при подготовка на храна, верувајќи во нејзината заштитна моќ. Верниците меѓусебно си честитаат со поздравите „Бог се јави“ и „Навистина се јави“, изразувајќи радост и духовна поврзаност. Празникот се смета за еден од најзначајните во православниот календар.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

Поврзани содржини