Пушење – здравствена и економска цена што ја плаќаме сите

Пушењето кај нас одамна не е само лоша навика на дел од населението, нивото на неговата распространетост е индикатор на јавно-здравствена криза. Со околу 45% стапка на пушачи, ни сме меѓу земјите со највисока стапка во Европа.

49

Има проблеми во општеството кои не се решаваат со уште една дебата „за“ или „против“, ниту со уште едно морализирање. Пушењето е токму таков проблем, длабоко вкоренета навика на однесување, културна рутина и, најважно, огромен јавно-здравствен товар. Во систем што треба да се грижи за сите, не може да се зборува дека пушењето е „приватна работа“ што завршува со личниот избор. Напротив, завршува во воздухот што го споделуваме и дишеме сите. Затоа новиот Предлог-закон за заштита од пушењето не го гледам како казнен механизам, туку како закон за унапредување на јавното здравје и превенцијата. Неговата цел е цврсто и прецизно поставена, а тоа е да го заштити здравјето на граѓаните, посебно здравјето на децата, младите и непушачите од штетните ефекти на тутунот и никотинот. Овој закон не е „против пушачите“, тој е нормативно моделиран за да биде „за здравјето на сите“. Кај дел од јавноста премногу лесно се создава и прифаќа впечаток дека државата „се бори со луѓето“, наместо со причините што ги разболуваат луѓето. Но, ние не се бориме со граѓаните, ние се бориме со зависноста и со практиките што ја поттикнуваат, со изложеноста што ја трпат непушачите и со нормализацијата на пушењето пред децата.

Кога зборуваме за слобода, треба да бидеме прецизни – слободата на едно лице да пуши не смее да ја поништи слободата на други лице да дише воздух без чад. Во јавни и заеднички простори воздухот не е приватна сопственост. Кога некој пуши во затворен јавен простор, во работна просторија, во јавен превоз или во такси, тој излегува од рамките на својата лична навика и создава здравствени ризици. Изложувањето, не по свој избор, на тутунски чад и аеросоли не е прашање на вкус или став, туку прашање на ризик. Не постои „безбедно“ ниво на изложеност, а пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести кај непушачите. Работното место мора да биде безбедно за здравјето на вработените, и тука посебно мислам на угостителските работници, односно никој келнер, шанкер или хигиеничар не треба да избира меѓу работата и своето здравје.






Пушењето кај нас одамна не е само лоша навика на дел од населението, нивото на неговата распространетост е индикатор на јавно-здравствена криза. Со околу 45% стапка на пушачи, ни сме меѓу земјите со највисока стапка во Европа. Во овој контекст на масовно пушење, граѓаните треба да знаат дека тутунот е водечка превентабилна причина за болести и предвремена смрт. Особено загрижува изложеноста на децата и младите, растечката употреба на нови никотински производи и последиците од пасивното пушење врз непушачите. Здравствените последици се едната страна на медалот, на друга негова страна стои огромна економска цена кој ја плаќаме како општество. Болестите поврзани со пушењето носат товар од околу 5% од БДП, односно околу 738 милион евра годишно губиме како последица од пушачки навики кои предизвикуваат здравствени трошоци и намалена продуктивност. Тоа значи оптоварени клиники, повеќе хронични пациенти, повеќе боледувања и повеќе семејства што плаќаат цена со здравје, време, физичка и психичка траума.

Една од клучните причини зошто мораше да се оди кон подготовка на ново законско решение се промените во реалноста. Проблемот на зависноста од тутун, добива нови димензии, ги надминува класичните цигари и како негови извори се појавуваат електронски цигари (со и без никотин), загреани тутунски производи, бездимни никотински производи и производи што го имитираат пушењето. Ако дозволевме законот да остане со дефиниции од минатото, тогаш тој ќе беше слеп за сегашноста. Во ИТ светот тоа е „legacy“ проблем, односно имаш правила што не ја покриваат реалноста, а нормативни дупки стануваат канали за заобиколување. Истото важи и во јавните политики, ако не ги опфатиме новите производи, ќе дозволиме зависноста да се проширува под нови имиња, нови вкусови и нови пакувања.

Затоа законот јасно утврдува забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории за сите тутунски и никотински производи, вклучувајќи електронски цигари и загреани тутунски производи, како и во јавен превоз, вклучително и такси возила. Станува збор за превентивна нормативна определба, а не за идеолошка, односно таму каде што луѓето мора да делат воздух, државата има обврска да го направи тој воздух безбеден.

Угостителството е најчувствителната точка, затоа што таму навиките се највидливи, а интересите силни. Во овој сегмент законот не се води по тоа како изгледа просторот, туку по тоа каков воздух дишат луѓето. Пушењето не е дозволено во затворени делови на угостителските објекти и во полузатворени простори каде разни прегради и поврзувања создаваат ист тип изложеност како затворен простор. По исклучок, пушењето може да биде дозволено само во реално и функционално отворени простори надвор од објектот, со јасни услови, кои подразбираат отвореност од најмалку три страни и без прегради што го задржуваат или насочуваат чадот и овозможуваат негово враќање кон затворени или непушачки делови. Притоа, вентилацијата не го елиминира ризикот, чадот непречено се движи и пренесува, а персоналот нема избор да се тргне и заштити од чадот.

Законот интервенира и на одредени отворени јавни простори каде изложеноста е неизбежна поради голема концентрација на луѓе во даден временски интервал. Треба да бидеме искрени, „отворено“ не значи автоматски безбедно, затоа што кога луѓето се блиску, чадот и аеросолите директно се вдишуваат. Затоа пушењето се ограничува или забранува околу здравствени, образовни и социјални установи, на јавни, спортски и културни настани, на места за деца и семејства и на локации каде луѓето не можат реално да избегнат изложеност. Станува збор за пристап кој не го забранува изборот, туку поставува правило таму каде што изборот на едниот станува ризик за другиот, особено за децата.

Регулирано е и пушењето во моторни возила кога во нив има деца и малолетници, како и во возила што се работно место (службени, комерцијални и сл.). Автомобилот е мал затворен простор со висока концентрација на чад и аеросол, во кој детето нема избор да се оддалечи, а изложеноста е интензивна и непосредна. Овој физички контекст бара заштита на децата бидејќи немаат моќ да се заштитат сами и ова не е навлегување во ничија приватност.

Посебен фокус има и на мерките што превенираат развој на нови зависности. Забраната за ароми и вкусови (овошни, слатки, ментол, билни и други), за сите категории производи, вклучувајќи електронски цигари, претставува силна превентивна мерка затоа што овие вкусовите се дизајнирани да ја олеснат првата нивна употреба и да ја забрзаат развојот на зависноста, особено кај младите. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоции и спонзорства од тутунската индустрија – во медиуми, на интернет и социјални мрежи, преку настани, наградни игри, попусти и подароци – маркетингот не е пренесување на информација, тој е влијание, а влијанието најчесто е насочено кон младите. Во делот на продажба и достапност се зајакнува забраната за продажба на малолетници за сите никотински производи, се воведува забрана за јавно изложување на производите на продажни места и се ограничува продажбата во угостителски, спортски и културни објекти и на јавни настани. Намалувањето на видливоста и достапноста е меѓу најефикасните мерки за превенција, а заштитата на децата тука е апсолутен приоритет.

Намерата на овој закон не е да стигматизира или да пониже некого, напротив, тој е фокусиран да помогне. Затоа се предвидува обврска државата да спроведува превентивни програми, да информира и едуцира и да обезбеди поддршка за прекин на зависноста. Превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето, но и похумана, затоа што подобро е да спречиш, отколку да лекуваш последици што можеле да се избегнат.

И на крај, секој закон вреди онолку колку што се спроведува. Со законот прецизно се утврдуваат институционалните надлежности за негово ефективно спроведување и санкциите за прекршување. Без негова имплементација никој нема да биде заштитен, а селективната примена може да ја уништи довербата. Како инженер знам дека систем без јасни одговорности секогаш завршува со реченицата „не ми е во домен“. Со јавното здравје тоа не смее да се случи – водени од оваа определба при дизајнирањето на законот една од целите кон кои се стремиме е неговото доброволно почитување, а не градење на репресивен механизам, односно создаваме правила што се разбираат и применуваат еднакво, но истовремено се прифаќаат и како стандард. Тежиштето е поставено на вредности кои ќе бидат основа на поттикнување на култура на постојана свесност за опасностите од тутунските производи, додека казнување е крајна инстанца.

 

Свени сме дека овој закон кај дел од граѓаните ќе наиде на отпор, затоа што менува навики. Но државата не смее да биде заложник на навики што ги разболуваат граѓаните. Јавното здравје не е тема за дневна политика, туку за долгорочна заштита и цивилизациско уредување на заедничкиот простор. Не барам од никого да се чувствува виновен, барам само да бидеме рационални и фер, односно да ги заштитиме децата, да ги заштитиме работниците, да го направиме јавниот простор здрав и да ја намалиме цената што ја плаќаме како систем и како семејства. Во еден добар систем правилата не се за да те казнат, туку за да те заштитат од ризици што не можеш сам да ги контролираш. Чисти правила создаваат чист воздух, а чист воздух создава здравје што не зависи од среќа, од врски или од тоа кој каде седнал. Затоа го предлагаме овој закон како стандард за достоинствен живот и како порака дека превенцијата не е трошок, туку најпаметна инвестиција во иднината.

Авторот е министер за здравство

Поврзани содржини