СЕ ПОДГОТВУВА ИСПЛАТАТА НА „МОЈДДВ“ ЗА ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ ЛАНИ Управата за јавни приходи повтори дека мерката нема да се укине

Од УЈП посочуваат дека во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се  56,2 милиони евра вратени на сметките на граѓаните по основ на „Мој ДДВ“.

742

Управата за јавни приходи (УЈП) преку соопштение потврдува дека не се укинува мерката „Мој ДДВ, а за тоа говори и фактот што за спроведување на мерката се обезбедени пари и во буџетот за оваа година.

– Мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани може да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права во согласност со законските одредби -велат од УЈП.






Дека не се укинува мерката „Мој ДДВ“, дополнуваат од УЈП, во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ „Телма“ објасни и директорката на УЈП, Елена Петрова, која посочи дека:

-За 2025 година, за секое тримесечје, преку мерката се исплаќаат речиси 14,5 милиони евра директно кон граѓаните и во просек 502.000 граѓани активно скенираат фискални сметки и добиваат поврат на средства во едно тримесечје.

Од УЈП посочуваат дека во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се  56,2 милиони евра вратени на сметките на граѓаните по основ на „Мој ДДВ“.

-Гледано по квартали, повратот за четвртиот квартал од 2024 година исплатен во  февруари 2025) изнесува 14,2 милиони евра за 496.442 корисници; за првиот квартал од 2025 година се исплатени 12, 7 милиони евра за 491.770 корисници; за вториот квартал се исплатени 14,3 милиони евра за 503.655 корисници; за третиот квартал се исплатени 14,9 милиони евра за 515.182 корисници – велат од УЈП.

Оттаму дополнуваат дека за последниот квартал од 2025 година исплатата ќе се реализира во февруари годинава за што се обработуваат налозите и во согласност со законските одредби исплатата ќе се реализира навреме.

Во текот на 2025 година биле извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците што немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати.

УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно.

„Во рамките на тековните технички подобрувања на системот можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се вели во соопштението на УЈП.

 

Поврзани содржини