БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ ХЕПАТИТИС Б ЗА МЕДИЦИНСКИ ПЕРСОНАЛ Може да се пријават и студенти на медицина и на стоматологија

Со донацијата од 7.500 вакцини, ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници и студенти со по три дози.

53

Здравствените работници и студентите на медицина и стоматологија ќе може да се пријават и бесплатно да се вакцинираат со вакцина против хепатитис Б, кои Министерството за здравство му ги донира на Институтот за јавно здравје. Двете институции денеска потпишаа договори за донација на 7.500 вакцини, со кои ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници. Министерството за здравство донира и кутии за авионски и бродски транспорт на биолошки материјали.

Министерот за здравство Азир Алиу на денешната заедничка прес-конференција рече дека станува збор за системска заштита со конкретни преземени мерки за заштита на здравствените работници и јавноста.






– Во овој контекст денеска потпишуваме договор за донација на вакцини од страна на Министерството за здравство на Институтот за јавно здравје на 7.500 вакцини против хепатитис Б во вкупна вредност од 123.450 американски долари. Со оваа донација со три дози за лице ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници. Станува збор за конкретна превентивна мерка за намалување на изложеноста на ризици за здравјето на вработените во здравствените системи, притоа истовремено засилувајќи ја сигурносна кај пациентите – рече Алиу.

Процесот ќе биде едноставен, подготвен е електронски модул преку кој здравствените работници ќе се пријавуваат на веб – страницата на Министерството и на Институтот во наредните десет дена. Вакцинацијата ќе се спроведе во Институтот за јавно здравје и во Центрите за јавно здравје низ државата. Министерството донираше и кутии за транспорт на биолошки материјали во вредност од 2.000 долари.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, рече дека вакцините се наменети и за здравствените работници и за студентите на медицина и стоматологија. Во однос на транспортот на биолошки материјал, Андоновска посочи дека се намалуваат ризици при транспорт на биолошки, заразни материјали кои се испраќаат за тестирање, третман или складирање.

– Поради оваа причина обезбедувањето безбеден транспорт на заразените супстанции и ракувањето со нив е од интерес за локалните, националните или меѓународните власти со цел да се минимизира веројатноста за изложеност или ослободување на супстанцата за време на транспортот – рече Андоновска.

Таа посочи дека вакцинацијата за здравствените работници и за студентите е суштинска, посочувајќи за ризикот од заболувањата на црниот дроб, предизвикано од вирусот кој се пренесува со контакт со инфицирана крв и други телесни течности, вклучително и при повреда со остри медицински предмети. Андоновска презентираше и податоци од Светската здравствена организација според кои на светско ниво, околу 254 милиони луѓе живеат со хронична инфекција на хепатит Б, а годишно се регистрираат приближно околу 1,1 милион смртни случаи.

– Поради континуирана професионална изложеност на крв и телесни течности здравствените работници претставуваат категорија со зголемен ризик за инфекции од вирусот на хепатит Б. Во државата вакцината е задолжителна, но воведена е во 2004 година, постојат генерации кои не се опфатени со оваа задолжителна имунизација, но исто така постоји и категорија на здравствени работници и студенти коишто се секојдневно изложени на ризици – рече Андоновска.

Таа посочи дека дел од здравствените работници кои не биле опфатени со задолжителната вакцинација морале самите да ја плаќаат вакцината по 6.000 денари комерцијално, а сега имаат можност бесплатно да ја примат и да се заштитат.

Според последните податоци од 2024, опфатот на вакцинирани е 91, 3 проценти, но како што кажа на новинарски прашања, понизок е опфатот на вакцинирани родени пред воведувањето на задолжителната вакцинација.

– Кај нас постои таканаречен резидуален ризик од хепатит Б, особено кај невакцинираните возрасни групи што ја засилува смислата на раното вакцинирање – рече Андоновска.

Поврзани содржини