📽️ „ДВА ГРАДА, ИСТА БОЛКА“ Кочани во тишина се прости со жртвите од Кран Монтана

Граѓани од Кочани, во тивка и достоинствена атмосфера, одржаа мирен собир под мотото „Два града – иста болка“, испуштајќи 40 бели балони во знак на почит кон загубените млади животи во трагедијата во Швајцарија.

876

Со запалени свеќи и во тивка, достоинствена атмосфера, попладнево во Кочани се одржа мирен собир под мотото „Два града – иста болка“. Граѓани од сите генерации се собраа за да изразат сочувство и солидарност со семејствата на жртвите од трагедијата во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана.

На собирот присуствуваа и родители на децата кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие порачаа дека длабоко ја разбираат болката и празнината што ја остава ваква трагедија, нагласувајќи дека тишината понекогаш зборува погласно од зборовите. Во својата порака упатија повик за солидарност и човечко сочувство со семејствата погодени од трагедијата во Швајцарија.






Во знак на почит кон загубените животи, присутните испуштија 40 бели балони кон небото, симбол на младоста што прерано згасна.

Собирот помина без говори и транспаренти, прекинат само од трепетот на свеќите. Пораката беше јасна – болката нема граници, а човечката солидарност ги поврзува луѓето и градовите во најтешките моменти.

За потсетување, во пожарот во Кран-Монтана животот го загубија 40 млади лица, додека во трагедијата во Кочани, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица.

Поврзани содржини