БУГАРИЈА ПАК НЕ ГО СПОМЕНА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Во реакцијата на изјавата на Мицкоски употреби „достапен“ јазик
Во вчерашната изјава премиерот Христијан Мицкоски покрај другото рече дека на Бугарија ѝ пречело тоа што на македонски јазик е напишан Акцискиот план за малцинства, испратен од Македонија до Софија.
Официјална Софија преку соопштение објавено на интернет страницата на бугарското Министерство за надворешни реагираше на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски во која тој рече дека на Бугарија ѝ пречело тоа што на македонски јазик е напишан Акцискиот план за малцинства, испратен од Македонија до Софија.
Бугарија изразува загриженост поради отстапувањата на Скопје од Европскиот консензус од 2022 година.
„Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези на властите во Скопје, кои остро се разминуваат со есенцијата на Европскиот консензус од 2022 година“ , се наведува во соопштението.
Во него бугарската страна не со споменува македонскиот јазик, туку наведува „достапен јазик“ за граѓаните на С Македонија.
„Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од С Македонија е внатрешно прашање на земјата и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е дека треба да биде на јазик достапен за нив“, се вели во соопштението.
Бугарија исто така наведува дека Планот за правата на заедниците бил претставен на англиски јазик.
„Изборот на Скопјe да им го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако Планот е планирано реално да се спроведе“, се наведува во соопштението.
Во него се додава и дека Планот за правата на заедниците е чекор што треба да следи по внесувањето на Бугарите во Уставот во земјава, што сè уште не е направено, а „ќе ѝ овозможи на С Македонија да ги отвори преговорите за пристапување“.
Бугарското МНР, како што се додава, во исто време ги поздравува зборовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека „во Планот ќе бидат внесени сите други забелешки“ на бугарската заедница и оти сметаат дека тој ќе си го одржи ова ветување кон нив.
Реакцијата на бугарското МНР доаѓа по изјавите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, дадени викендов, во кои тој наведе дека Акцискиот план бил завршен уште пред неколку месеци, со вклученост на европски експерт, но оти Софија го одбила, покажувајќи на тој начин дека проблемите што Бугарија ги има со нашата земја се подлабоки и немаат врска со исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија.
Мицкоски рече дека Бугарија е единствената земја членка на ЕУ што има забелешки на документот, а тие се однесуваат на тоа што Планот е напишан на македонски јазик.
Притоа тој рече дека жали што Бугарија уште еднаш ја испуштила шансата да биде добра сосетка.
Мицкоски додаде и дека за однесувањето на Софија ги предупредил и партнерите во Брисел, на кои, според него, им било кажано дека земјава и да го направи најдобриот акциски план, тој би бил одбиен од Бугарија.
Според премиерот, од Брисел било сугерирано Планот да биде направен со вклучување на најдобрите експерти од Советот на Европа и да се постапи онака како што тие сугерираат, а прашањето како тоа потоа би се решило со Бугарија да ѝ го остават на ЕУ.
-Препорачано беше да се усвои и на Влада и од страна на парламентот, како и за него да има јавна дебата. Ние така направивме, во изготвувањето на овој Акциски план учествуваше врвен и признат експерт, Италијанка. Како што беше побарано, така направивме и за неговата содржина. Го дадовме однапред. Е, сега им пречело што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не не можам како претседател на влада да го кршиме Уставот – рече Мицкоски.