📽️ ШПАНИЈА ГО ЗАКАЖА СПЕКТАКЛОТ СО ФРАНЦИЈА ПО ДРАМАТА СО БЕЛГИЈА Еве зошто не беше досуден пенал за Белгија

Белгијците бараа најстрога казна по играњето со рака на Родри, но правилата беа на страната на Шпанците. „Црвената фурија“ преживеа, а потоа во финишот го зададе решавачкиот удар за полуфинале против Франција.

1

Шпанија ќе игра против Франција во полуфиналето на Светското првенство, откако по голема битка ја совлада Белгија со 2:1 во Инглвуд.

Натпреварот долго време изгледаше како да оди кон продолженија. Шпанците поведоа преку Фабијан Руиз, Белгија возврати со Шарл Де Кетелаере, а херој на вечерта стана Микел Мерино со голот во 88. минута.






Белгија бараше пенал, Оливер остана нем

Најконтроверзниот момент се случи во 62. минута. По центаршут од левата страна, топката заврши во раката на Родри во шпанскиот шеснаесетник. Белгиските фудбалери веднаш побараа пенал, но судијата Мајкл Оливер покажа дека играта продолжува.

Одлуката предизвика бурни реакции, но според правилата таа била исправна.

Топката претходно се одбила од Ајмерик Лапорт, соиграч на Родри, а актуелните правила јасно наведуваат дека играње со рака не се санкционира кога топката доаѓа директно од соиграч.

Поради тоа немаше ниту ВАР-интервенција, ниту пенал за Белгија.

Јамал го отвори патот, Куртоа ја држеше Белгија

Шпанија беше поопасна уште од стартот. Ламин Јамал постојано создаваше проблеми по десната страна, а во 30. минута неговата акција донесе водство. Куртоа го одбрани првиот удар, но топката стигна до Фабијан Руиз, кој ја смести во мрежата за 1:0.

Белгија не се предаде.

Во 41. минута Кастањ испрати одличен центаршут, а Шарл Де Кетелаере со глава го постигна првиот гол што Шпанија го прими на овој Мундијал.

Солзи за Куртоа, па удар во финишот

Вториот дел донесе нов проблем за Белгијците. Тибо Куртоа се пожали на повреда и во 71. минута во солзи го напушти теренот. На негово место влезе Ламенс. Белгија успеваше да се одбрани и покрај притисокот, но не и во самиот финиш.

Во 88. минута Кубарси шутираше од дистанца, Ламенс несигурно интервенираше, а Микел Мерино беше најбрз на одбиената топка и ја испрати во мрежата за 2:1.

До крајот Белгија тргна на сè или ништо. Лукаку имаше добра можност во судиското продолжение, но шпанската одбрана издржа.

Шпанија така го завери местото меѓу четирите најдобри репрезентации во светот, каде ја чека пресметка со Франција.

Поврзани содржини